Западен Балкан пред енергетски пресврт – Јовановски дел од Adria Summit 2026

Западен Балкан пред енергетски пресврт – Јовановски дел од Adria Summit 2026

На Adria Summit 2026 во Црна Гора, регионот испрати јасна порака: следува фаза на одлуки, инвестиции и конкретни резултати во енергетиката.

 

Државниот секретар во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Горан Јовановски, учествуваше на Министерскиот енергетски форум, кој ги обедини партнерите од Западен Балкан и Европа околу заедничката цел – посилна регионална соработка, подобра поврзаност и забрзана енергетска транзиција.

 

Јовановски активно се вклучи во дискусиите посветени на идните политики, инвестиции и конкретни чекори за трансформација на енергетскиот сектор, со акцент на потребата од координиран регионален пристап и усогласување со европските енергетски политики.

 

„За Македонија, енергетската транзиција е можност за долгорочна стабилност и економски развој. Нашиот фокус е на инвестиции во обновливи извори, зајакнување на енергетската поврзаност со соседите и градење систем кој е одржлив, предвидлив и отпорен на кризи“, истакна Јовановски.

 

Форумот потврди дека Западен Балкан влегува во одлучувачка фаза – фаза на конкретни одлуки, реални инвестиции и мерливи резултати. Во таа насока, регионалната координација се наметнува како клучен предуслов за стабилен и одржлив енергетски систем.

 

Поврзаноста, заедничките проекти и усогласените политики остануваат клучни за побрза интеграција на регионот кон европскиот енергетски пазар.

 

Црна Гора, како домаќин на форумот, ја потврди својата улога како активен двигател на регионалниот дијалог и партнер во креирањето на заедничка енергетска иднина.

 

Со почит,

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Мени за пристапност