Со силна порака дека иднината на државата се гради дома, преку знаење, идеи и храброст, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска го отвори Националниот натпревар за најдобар бизнис концепт за зелени иновации за средните училишта 2026/2027, што се одржа на Машинскиот факултет при УКИМ.
Министеркта Божиновска и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини годинава застануваат како покровител на еден од најдолговечните и најрелевантни образовно-иновациски процеси во државата, кој веќе 18 години создава генерации млади луѓе што размислуваат претприемачки, иновативно и одговорно кон животната средина.
Овој натпревар е платформа каде што младите ги претвораат своите идеи во реални концепти – решенија за енергетска ефикасност, обновливи извори, циркуларна економија и одржлив развој. Токму затоа, натпреварот веќе доби и меѓународно признание – престижната ETF Green Skills Award 2025, во конкуренција од над 50 земји, што дополнително ја позиционира Македонија како земја која инвестира во зелени вештини и иднина.
Годинава, 42 средношколски тимови аплицираа со свои иновативни зелени решенија, а најдобрите 20 денеска се натпреваруваат во полуфиналето. Осумте најуспешни ќе обезбедат пласман во финалето што ќе се одржи на 7 мај во Кавадарци.
Во своето обраќање, министерката Божиновска испрати јасна порака:
„Поддршката на младите за нас не е декларативна – таа е стратешка. Ако сакаме силна економија и стабилен енергетски систем, мора да инвестираме во тие што ќе го носат утрешниот развој. Овие млади луѓе не се само ученици – тие се идни инженери, претприемачи и креатори на политики.“
Таа нагласи дека зелените иновации повеќе не се избор, туку неопходност, и дека државата мора да создаде услови младите својата иднина да ја гледаат тука, а не надвор од земјата:
„Нашата обврска како институции е јасна – да ги препознаеме, да ги поддржиме и да им создадеме услови на младите да ги реализираат своите идеи овде. Да не бараат шанса надвор, туку да ја добијат дома. Да останат, да создаваат, да градат кариера и да ја развиваат државата. Континуираната поддршка на младите, нивните идеи и иновации не е избор – тоа е предуслов за напредок.“
Натпреварот го организира Центарот за зелени иновации при Машинскиот факултет – Скопје, во соработка со Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење, а партнери и поддржувачи годинава се и приватниот сектор и образовни институции кои обезбедуваат финансиска и менторска поддршка за младите тимови.
Со ова покровителство, Министерството за енергетика јасно ја поставува својата политика – инвестиција во знаење, поддршка на младите и создавање услови Македонија да стане земја во која иновациите се развиваат, а младите остануваат.
Иднината не се чека – таа се создава.
Со почит,
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини