Македонија со јасна енергетска трансформација и конкретни резултати – силна порака од ЈЕСКО во Берлин

Македонија со јасна енергетска трансформација и конкретни резултати – силна порака од ЈЕСКО во Берлин

На состанок на Германско-македонскиот заеднички економски управен комитет (JESCO), кој се одржа во Сојузното министерство за економски работи и енергетика на Сојузна Република Германија, Македонија испрати јасна порака: енергетската трансформација не е план за иднината, туку процес што веќе дава резултати.

Во рамки на официјалната делегација, од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини учествуваше државниот секретар Горан Јовановски, кој имаше свое обраќање во кое говореше за енергетската политика, декарбонизацијата, инвестицискиот развој и сигурноста на снабдувањето во Македонија.

Во своето излагање, Јовановски потенцираше дека земјата спроведува одлучна енергетска политика заснована на два клучни приоритета – забрзана декарбонизација и сигурно, стабилно снабдување со енергија. Со донесувањето на новиот Закон за енергетика во мај 2025 година, државата воспостави модерен, транспарентен и целосно усогласен систем со европските стандарди, кој обезбедува предвидливост за инвеститорите и крај на пазарната неизвесност.

„Државата повеќе не го следи пазарот – таа го креира неговиот правец,“ нагласи Јовановски, посочувајќи дека со воведувањето на системско планирање и годишни планови за нови енергетски капацитети и складирање, развојот станува координиран, предвидлив и стратешки насочен.

Тој истакна дека веќе е во тек силен инвестициски циклус во обновливи извори и складирање на енергија, што резултира со зголемено домашно производство, намалена зависност од увоз и зајакната енергетска независност. Паралелно, се инвестира во модернизација на електроенергетската мрежа и развој на паметни и балансирачки капацитети како основа за зелена транзиција.

Дополнително, новиот Закон за обновливи извори на енергија, кој е во завршна фаза, ќе овозможи побрза реализација на инвестициите преку поедноставени процедури и поголема транспарентност, со јасна цел – повеќе обновлива енергија, помалку фосилни горива и намалени емисии.

Во рамки на дискусиите, беше потенцирана и важноста на Интегрираниот национален план за енергија и клима 2025–2030, кој содржи 61 конкретна мерка за декарбонизација, енергетска ефикасност, реформа на пазарот и зголемена безбедност на снабдувањето.

Јовановски истакна дека енергетската сигурност останува врвен приоритет, преку диверзификација на изворите, нови интерконекции и засилена регионална интеграција, нагласувајќи дека „енергетската стабилност не е само економско, туку и прашање на национална безбедност“.

Состанокот на ЈЕСКО, кој започна со работна сесија и размена на економски анализи и перспективи меѓу двете земји, овозможи директен дијалог со стопанските комори, бизнис-заедницата и експертските тимови, со фокус на инвестициската клима и заедничките стратешки приоритети.

Македонија останува цврсто посветена на својот европски пат, со јасна ориентација кон целосно усогласување со ЕУ стандардите во енергетиката и климатските политики – преку конкретни реформи, транспарентна имплементација и мерливи резултати.

 

Со почит,

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Мени за пристапност