Заменик-министерот за енергетика, рударство и минерални суровини Мирослав Лабудовиќ се обрати на 34. издание на ЗЕМАК, истакнувајќи ја клучната улога на инженерската фела во создавањето стабилен, модерен и одржлив енергетски систем.
Осврнувајќи се на 34-годишната традиција на ЗЕМАК, Лабудовиќ посочи дека вредноста на оваа организација пред сè ја создаваат луѓето – професорите, инженерите и стручните лица кои со своето знаење и искуство придонесуваат за развојот на македонскиот енергетски сектор.
Во своето обраќање тој нагласи дека развојот на енергетиката мора да биде долгорочен, континуиран и заснован на струката, посочувајќи дека инженерите треба да бидат активно вклучени во креирањето и реализацијата на капиталните проекти.
„Кога станува збор за проекти од ваков обем, знаењето и искуството не смеат да бидат само консултација на крајот од процесот. Тие мора да бидат дел од неговото создавање“, истакна Лабудовиќ.
Заменик-министерот се осврна на актуелниот инвестициски циклус во енергетиката, кој опфаќа нови капацитети од обновливи извори, батериски системи за складирање енергија, развој на преносната мрежа, интерконектори, нови ветропаркови, когенеративна гасна централа, како и активностите поврзани со искористувањето на хидроенергетскиот потенцијал на Црна Река преку проектите Чебрен и Галиште.
Посебен акцент стави на потребата од отворена и стручна дискусија за новите технологии и нивната примена, како и на одговорноста на инженерите да им ја објаснат на граѓаните природата и значењето на современите енергетски и индустриски проекти.
„Развојот и заштитата на животната средина не треба да ги поставуваме како две спротивставени страни. Нашата задача е да покажеме дека можат и мораат да одат заедно“, порача Лабудовиќ.
Во тој контекст, тој истакна дека секоја инвестиција и секоја технологија мора да се реализираат со високи стандарди и одговорен пристап кон животната средина.
Говорејќи за иднината на инженерството, Лабудовиќ посебно се осврна и на вештачката интелигенција и потребата новите технологии да се користат како алатка за унапредување на човечкото знаење, а не како негова замена.
„Не е проблемот што ја имаме вештачката интелигенција. Напротив, таа е една од најмоќните алатки што човекот ги создал. Проблемот би бил ако дозволиме алатката да го замени знаењето, наместо да му помогне“, истакна заменик-министерот.
На крајот од обраќањето, Лабудовиќ порача дека инженерството отсекогаш било повеќе од технологија – тоа е знаење претворено во решение, а вистинската вредност на секое решение се мери според тоа колку му служи на човекот и на општеството.
Со почит,
Министерство за енергетика, рудраство и минерални ресурси