Голем интерес за обновливи капацитети: МЕРМС со системски решенија за реални проекти и побрза реализација

Голем интерес за обновливи капацитети: МЕРМС со системски решенија за реални проекти и побрза реализација

Предвидлива регулаторна рамка, подобра институционална координација и поврзување на регулативата со пристапот до финансирање се клучни за инвестицискиот интерес за обновливи извори на енергија да се преточи во реални и одржливи проекти.

Ова беше една од главните пораки на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на форумoт „Управување со паметни згради и зелено финансирање за почист воздух во Северна Македонија“, организиран во рамки на соработката со UNECE и UN Country Team, со учество на UNDP, IOM, EBRD и други партнерски институции.

Форумот обедини претставници на државните институции, меѓународните организации, финансискиот и бизнис-секторот и академската заедница, со фокус на практични решенија за унапредување на енергетската ефикасност, инвестициите во обновливи извори на енергија и зеленото финансирање.

На панел-дискусијата „Од индивидуални предизвици до системски решенија“, Виолета Николова, посебен советник и раководител на Секторот за обновливи извори на енергија, истакна дека во Македонија постои значителен инвестициски интерес за ОИЕ, а следниот важен чекор е создавање услови тој интерес да резултира со реално спроведливи проекти.

„Кога исти предизвици се повторуваат кај повеќе проекти, тие веќе не се само индивидуални проблеми, туку сигнал каде системот треба да се подобри. Индивидуалните предизвици треба да станат институционално знаење“, истакна Николова.

Посебен акцент беше ставен на практичната имплементација на новиот Закон за обновливи извори на енергија и подготовката на подзаконската регулатива, со цел воспоставување јасни и применливи правила, подобра координација меѓу надлежните институции и поголема предвидливост на постапките и роковите.

Во дискусијата беше нагласена и потребата да се направи јасна разлика меѓу инвестициски интерес и проекти со реален пат кон реализација, земајќи ги предвид земјиштето, дозволите, капацитетот на мрежата, финансирањето и реалните рокови за изградба.

Форумот беше посветен и на дигиталното управување со енергијата во јавните згради, напредната мерна инфраструктура и зеленото финансирање, како важни инструменти за подобрување на енергетската ефикасност, зголемување на инвестициите во обновливи извори и придонес кон почист воздух.

Министерството продолжува со активности насочени кон создавање стабилно, предвидливо и функционално инвестициско опкружување, со јасни правила, јасни надлежности, јасни рокови и еднаков третман - како основа за забрзување на енергетската транзиција во земјата.

 

Со почит,

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Мени за пристапност