Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува цврсто посветено на зголемување на транспарентноста и отчетноста во управувањето со јавните ресурси. Водени од заложбите од Акцискиот план за Партнерство за отворена власт (ОВПГ), активно работиме на создавање систем со кој целокупната релевантна документација ќе биде јавно достапна за граѓаните и деловната заедница.
Фокусот е на реализацијата на следните заложби:
· 1.2: Јавно објавување на вистинските сопственици на фирмите што имаат склучено договори со државата;
· 1.3: Јавно објавување на склучените договори за концесии и за воспоставување јавно-приватни партнерства.
Како координатор на заложбата 1.3, Министерството веќе формира работна група од стручни службеници, со задача да креира одржлив механизам за транспарентно објавување на сите договори за концесии за експлоатација на минерални суровини, како и договори за детални геолошки истражувања.
На 22 септември 2025 година, во просториите на Министерството се одржа работен состанок со претставници од Министерството за јавна администрација, Бирото за јавни набавки и Центарот за граѓански комуникации. На средбата беа разгледани тековните активности и идните чекори за спроведување на заложбите, со акцент на унапредување на постоечките алатки за транспарентност.
Посебен договор беше постигнат за доработка и проширување на модулот за концесии во рамките на Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН), кој ќе овозможи и објава на склучените договори за јавно-приватни партнерства. Со ова, јавноста ќе има директен и лесен пристап до сите релевантни информации, што претставува значаен чекор кон зголемена отвореност и отчетност.
Министерството продолжува со активни политики за унапредување на доброто управување и транспарентноста, со цел зајакнување на довербата на граѓаните и деловната заедница во институциите.
Со почит,
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини