Делегација на МЕРМС во стручна посета на рудникот „Ада Тепе“ во Крумовград – пример за современо и одговорно рударство

Делегација на МЕРМС во стручна посета на рудникот „Ада Тепе“ во Крумовград – пример за современо и одговорно рударство

По покана на Асоцијацијата на рудари, делегација од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини реализираше стручна посета на Република Бугарија, со цел размена на искуства и согледување на најдобрите европски практики во одржливото рударство и заштитата на животната средина. Во составот на делегацијата учествуваа и експерти – геолози и инженери – кои од стручен аспект ги следеа применетите стандарди и технолошки решенија.

Програмата опфати повеќе активности и средби, меѓу кои: Посета на рудникот „Ада Тепе“ во Крумовград – најсовремениот рударски комплекс во регионот, лоциран во заштитено подрачје од еколошката мрежа NATURA 2000, на 3 километри јужно од Крумовград.

Делегацијата имаше можност на лице место да се запознае со примената на најнапредни технологии за управување со вода и отпад, како и со мерките за рекултивација кои обезбедуваат минимално влијание врз животната средина.

„Овој рудник е признат во Европа како еден од најеколошките рударски комплекси во регионот и користи најсофистицирана опрема и технологии за управување со вода и отпад, минимизирајќи го еколошкото влијание, дури и во заштитени зони на Натура 2000. Ние сакаме да научиме од искуства кои се веќе докажани – како компанијата одговорно соработува со локалната заедница, инвестира во развој на бизниси и инфраструктура и создава придобивки за луѓето и економијата. Македонија е решена во идните стратегии и политики да ги предвиди сите европски правила со цел да се обезбеди дека секој развој во секторот ќе биде одржлив, еколошки одговорен и во интерес на локалните заедници и граѓаните,“ изјави Филип Петровски, државен советник за рударство во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Македонската делегација беше примена од градоначалничката на Крумовград, Себихан Мехмед. На средбата беа презентирани придобивките од функционирањето на рудникот за локалната заедница: отворање нови работни места, фонд за поддршка на мали бизниси кои не се директно поврзани со рударството, инфраструктурни инвестиции и подобрување на квалитетот на животот.

Градоначалничката информираше дека на почетокот проектот наишол на силен отпор од локалното население. Сепак, по организирани јавни расправи и информативни средби со жителите на Крумовград и околните села уште во фазата на подготовка и одобрување, биле надминати сите стравувања од потенцијалните ризици. Проектот бил прифатен и во изминатите години дал значаен придонес за локалниот развој: поттикнал економска активност во целата област, обезбедил вработувања, поддржал развој на бројни мали бизниси и овозможил реализација на повеќе инфраструктурни проекти.

Делегацијата разговараше и со локални жители и претставници на бизнис-заедницата, кои од прва рака ги пренесоа своите искуства. Во текот на работењето на рудникот немало ниту еден инцидент кој би ја загрозил животната средина.

Инаку, како што информираа од раководството, рудникот ќе се експлоатира до март 2026 година, по што ќе следува тригодишен период во кој компанијата има обврска да изврши комплетна рекултивација на просторот – враќање во првобитната состојба преку засадување на автохтони дрвја и растенија, како и подигање на спортско-туристички центар. Механизацијата ќе биде демонтирана, а дел од објектите изградени за потребите на рудникот, како и земјиштето купено од државата, ќе ѝ бидат донирани на општина Крумовград од страна на канадската компанија.

Во рамки на посетата, делегацијата ја посети и фабриката во градот Карџали, каде со примена на технологијата „carbon-in-pulp“ се добива златото. На делегацијата ѝ беа презентирани и мерките за заштита на животната средина што се применуваат во процесот на работа.

Искуствата од оваа посета ќе бидат од големо значење во креирањето на новите законски решенија и стратегии за рударство и геологија. Приоритет ќе биде воспоставување на најстроги еколошки стандарди при истражувањето, експлоатацијата и преработката на минералните суровини, јакнење на обврските за рекултивација, поддршка на локалните заедници и обезбедување поголема контрола и транспарентност во секторот.

Целта е да се обезбеди поголема економска корист, повисоки такси и рударски надоместоци, прецизно дефинирани права и обврски на концесионерите, поттикнување на домашни и одржливи инвестиции и унапредување на економскиот потенцијал што го носи рударството.

Министерството изразува благодарност до сите домаќини – институциите, компанијата и локалната самоуправа – за деталните информации и отворената соработка во рамки на оваа посета.



Со почит 

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

 

Мени за пристапност