На 3 јуни 2026 година, во организација на Центарот за европски политички студии (CEPS), во Брисел се одржа тркалезна маса на високо ниво на тема „Од отпад до ресурс – искористување на суровини од рударски јаловишта во Западен Балкан“.
На настанот учествуваше г. Филип Петровски, државен советник за рударство во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, кој беше панелист на сесијата посветена на трансформацијата на идентификуваните потенцијали во одржливи инвестициски проекти.
Настанот ги обедини претставници на Европската комисија, националните влади, меѓународните финансиски институции, индустријата и граѓанскиот сектор, со цел да се разгледаат можностите за:
· искористување на секундарни критични суровини од рударски јаловишта;
· развој на одржливи проекти за повторно искористување на ресурси;
· усогласување со европските политики, вклучително и Законот за критични суровини на Европската Унија;
· обезбедување финансиски инструменти и техничка поддршка за реализација на проектите.
Посебно внимание беше посветено на три пилот-локации во регионот, меѓу кои и локалитетот Пробиштип–Злетово во Република Македонија, кој беше претставен како пример со значителен потенцијал за развој на проекти за повторно искористување на минерални ресурси.
Во своето обраќање, државниот советник за рударство Филип Петровски истакна дека историските рударски отпадни материјали повеќе не треба да се третираат исклучиво како еколошки предизвик, туку и како стратешки ресурс од значење за зелената и дигиталната транзиција на Европа.
Тој нагласи дека локалитетот Пробиштип–Злетово претставува значајна можност поради:
· потенцијалот за извлекување критични суровини;
· можноста за решавање на долгогодишни еколошки проблеми;
· примената на принципите на циркуларната економија во рударскиот сектор.
Воедно беше потенцирано дека трансформацијата на ваквите локации во одржливи инвестициски проекти бара:
· дополнителна геолошка и техничка верификација;
· спроведување пилот-проекти и технолошки тестирања;
· изработка на еколошки и социјални анализи;
· ефикасни и предвидливи процедури за издавање дозволи;
· пристап до соодветни финансиски инструменти.
Петровски информираше дека Владата на Република Македонија во 2026 година ја усвои Стратегијата за минерални суровини 2026–2046, со која се поставуваат основите за:
· одржливо управување со минералните ресурси;
· развој на критичните суровини;
· зајакнување на циркуларната економија;
· усогласување со европските развојни политики.
Дополнително, беше истакнато дека во завршна фаза се новите законски решенија во областа на геологијата и рударството, кои ќе придонесат за:
· модернизација на регулаторната рамка;
· поефикасни постапки за издавање дозволи;
· повисоки стандарди за заштита на животната средина;
· понатамошно усогласување со европското законодавство.
Како нова иницијатива беше презентиран и предлог-проект за изработка на: Expert Study and Development of a National Plan for Rehabilitation, Reclamation and Reuse of Mineral Resources from Abandoned Mines со цел:
· воспоставување системски пристап за управување со историското рударско наследство;
· идентификација и приоритизација на локации за интервенција;
· создавање портфолио на идни инвестициски проекти;
· подобро користење на европските и меѓународните финансиски механизми.
Истовремено, ваквиот пристап ќе придонесе за намалување на еколошките ризици од историските рударски активности, подобрување на состојбата на животната средина и враќање на деградираните простори во функција на одржливиот локален и регионален развој.
Учеството на Министерството на овој настан претставува значаен чекор кон позиционирање на Република Македонија како активен партнер во европските синџири на снабдување со критични суровини.
Со соодветна комбинација на политики, техничка експертиза и инвестиции, историските рударски локации можат да се трансформираат од еколошки предизвик во стратешки економски и ресурсен потенцијал. Ваквата трансформација истовремено придонесува за намалување на негативните влијанија врз животната средина, санација на историски загадени подрачја и создавање нови можности за одржлив економски развој.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе продолжи активно да ги поддржува иницијативите кои ги поврзуваат одржливото искористување на минералните ресурси, циркуларната економија и заштитата на животната средина, во согласност со националните стратешки приоритети и европските политики.
Со почит,
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини