Сајбер-безбедноста е столб на енергетската сигурност – Министерството дел од регионална работилница во Словачка

Сајбер-безбедноста е столб на енергетската сигурност – Министерството дел од регионална работилница во Словачка

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини учествуваше на регионалната работилница посветена на зајакнување на сајбер-безбедноста во енергетскиот сектор, која се одржа во Словачка и обедини институции, регулатори, национални тела за сајбер-безбедност и експерти од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Молдавија и Црна Гора.

Во услови кога енергетските системи стануваат сè подигитализирани и меѓусебно поврзани, заштитата на критичната инфраструктура претставува еден од клучните предуслови за сигурно и стабилно снабдување со енергија. Токму затоа, учесниците на работилницата разменија искуства и добри практики за справување со сајбер-заканите и зајакнување на отпорноста на енергетските системи.

,, Инвестицијата во сајбер-безбедност е инвестиција во стабилноста на државата. Енергетските системи стануваат сè поповрзани и подигитализирани, и затоа заштитата на критичната инфраструктура е еднакво важна како и самото производство на енергија.  Затоа, преку размена на искуства со институции и експерти од регионот, работиме на јакнење на отпорноста на секторот кон современите безбедносни предизвици“, истакна раководителот на ИТ секторот од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Во рамки на настанот беа презентирани искуствата на Словачка во областа на сајбер-безбедноста во енергетиката, како и националните приоритети и предизвици на земјите учеснички. Посебен акцент беше ставен на практичните механизми за заштита на енергетските мрежи, управувањето со ризици и унапредувањето на регионалната координација.

Учеството на Министерството е дел од заложбите за следење на современите европски трендови и јакнење на институционалните капацитети во услови на забрзана дигитална трансформација на енергетскиот сектор.

 

Со почит,

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Мени за пристапност