Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска имаше работна средба со високи претставници на ООН, УНДП и ЕУ во земјава на тема енергетска стабилност. На состанокот присуствуваа постојаниот координатор на Обединетите нации во Северна Македонија, Рита Колумбија, како и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во земјава, Армен Григорјан и шефот на одделот за соработка во Делегацијата на Европската Унија во нашата држава, Штефен Худолин.
На средбата беа разменети мислења за претстојните планови на Министерството во однос на планираните проекти и активности за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина.
Претставниците на ООН, УНДП и ЕУ во оваа прилика изразија силна поддршка за планираните проекти на Министерството во насока на создавање услови за енергетска сигурност, при што беа препознаени напорите коишто Министерството ги презема за доследна реализација на реформските процеси поврзани со Реформската агенда.
При тоа, заеднички беше констатирана потребата од продлабочување на соработката на полето на енергетската транзиција и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
На состанокот, високите претставници на ООН, УНДП и ЕУ ја истакнаа посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина и изразија подготвеност да помогнат во реализацијата на неопходните чекори на тој пат.
Со почит,
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини