Претставници на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини учествуваа на настанот „Географски ознаки и градење успешни домашни брендови“, во организација на Американската стопанска комора во Северна Македонија, посветен на улогата на географските ознаки во развојот на домашните производи и нивното позиционирање на пазарот.
Во рамки на панел-дискусијата „Улогата на географските ознаки во креирањето брендови“, државниот советник за рударство, Филип Петровски, ја презентираше иницијативата за правна заштита на македонскиот рубин како уникатно национално минерално богатство.
Тој истакна дека иницијативата произлегува од јасната определба на институциите за системска заштита на природните ресурси, со цел нивно препознавање, валоризација и спречување на неконтролирано користење.
„Станува збор за геолошки уникат – корунд со специфична малиново-розева боја, кој се среќава исклучиво во регионот на Прилеп и Мариово. Ова го позиционира македонскиот рубин како единствен ваков природен ресурс во Европа, со значителен потенцијал за економска и брендинг вредност“, посочи Петровски.
Во своето обраќање, тој информираше дека процесот на заштита е во завршна фаза, при што најголемиот дел од стручната и правната документација е веќе подготвен, а институционалната координација е воспоставена во соработка со Геолошкиот завод на Македонија, Заводот за индустриска сопственост и други релевантни институции.
Петровски нагласи дека заштитата на македонскиот рубин не е само прашање на регулатива, туку стратешки процес насочен кон:
- утврдување на количините и резервите
- воспоставување контролиран и одржлив модел на искористување
- регулирање на пласманот и трговијата
- создавање додадена вредност преку брендирање
Воедно, беше посочено дека иако постои реален економски потенцијал, во моментов недостасува систематизиран пристап, што резултира со отсуство на прецизни податоци и можност дел од ресурсот да се пласира на меѓународниот пазар без јасно означено потекло.
„Токму затоа, географската ознака е клучен инструмент – таа не само што обезбедува заштита, туку и овозможува позиционирање на македонскиот рубин како препознатлив и автентичен бренд“, истакна Петровски.
Во контекст на законската рамка, беше нагласено дека новите законски решенија во областа на рударството и геологијата, усогласени со европските стандарди, овозможуваат попрецизно дефинирање на статусот на ретките минерали и нивно поврзување со системот на индустриска и интелектуална сопственост.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на воспоставување функционален систем за заштита и управување со минералните ресурси, како основа за нивно одржливо користење и трансформација во препознатлива економска вредност за државата.
Настанот обедини претставници од институциите, бизнис секторот и здруженијата, со цел поттикнување на координација и заеднички пристап во заштитата и развојот на домашните брендови.
Со почит,
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини