Претставена новата Стратегија за соработка на Светската здравствена организација со Северна Македонија за периодот 2026–2030, документ кој ги поставува насоките за јакнење на здравствениот систем, климатската отпорност и одржливиот развој на земјата.
На настанот учествуваа министри од Владата на Република Северна Македонија, претставници на агенциите на Обединетите нации и експерти од различни области. Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во своето обраќање ја нагласи клучната врска помеѓу енергетиката и јавното здравје, посочувајќи дека енергетските избори се директно поврзани со квалитетот на животот на граѓаните.
„Она што оваа Стратегија за соработка ја прави посебна е што не се ограничува само на здравствениот сектор – таа отвора простор за синергија меѓу здравјето, енергетиката, животната средина и економијата. Тоа е визија која го препознава најважното – дека благосостојбата на луѓето се гради преку заеднички политики. Нашата задача како институција е токму во таа насока – сите законски решенија, сите политики и активности што ги носиме, се изградени врз оваа рамнотежа,“ истакна министерката Божиновска.
Таа додаде дека транзицијата кон чиста енергија мора да биде праведна и инклузивна:
„Нашата обврска е транзицијата кон чиста енергија да биде праведна. Тоа значи дека никој не смее да биде изоставен – ни работниците во индустријата, ниту локалните заедници.“
Во своето излагање, министерката Божиновска потенцираше дека Министерството за енергетика веќе работи на забрзување на процесот на декарбонизација, воспоставување на високи стандарди за нови инвестиции, рекултивација на деградирани подрачја, зголемување на енергетската ефикасност во јавните институции и развој на обновливи извори на енергија.
„Подготвени сме активно да ја интегрираме здравствената димензија во енергетските и климатските политики, во тесна соработка со СЗО и партнерите од системот на Обединетите нации,“ додаде министерката Божиновска, нагласувајќи дека економскиот раст и здравјето на граѓаните мора да одат рака под рака.
Со почит,
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини