Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини учествуваше на 15. Меѓународна конференција за минерални суровини, која на 19 ноември 2026 година се одржа во Белград, Република Србија, под мотото „Глобални синџири на снабдување и транзиција кон чиста енергија“.
Министерството го претставуваше Филип Петровски, државен советник за рударство, како панелист на сесијата „SEE Cooperation: Building Resilient Supply Chains“, посветена на регионалното поврзување и зајакнувањето на синџирите на снабдување со критични суровини во Југоисточна Европа.
Петровски ги презентираше активностите и приоритетите на Министерството за унапредување на законодавната и регулаторната рамка во областа на геологијата и рударството, создавање попредвидливи услови за инвестиции и поттикнување одржлив развој на секторот. Тој ја истакна и важноста на регионалната соработка, размената на искуства и усогласувањето со европските политики за критичните суровини.
На конференцијата учествуваа претставници на владини институции, меѓународни организации, дипломатскиот кор, академската заедница и индустријата, меѓу кои и амбасадорката на Канада, Мишел Камерон, и амбасадорката на Шведска, Шарлот Самелин. Во фокусот на дискусиите беа сигурноста на снабдувањето, економската отпорност, стабилноста на инвестициите и улогата на минералните ресурси во енергетската транзиција.
На маргините на настанот, Петровски оствари средба со амбасадорката Камерон, на која беа разменети мислења за перспективите на рударскиот сектор и можностите за продлабочување на регионалната и меѓународната соработка, со посебен осврт на значењето на критичните суровини за енергетската и индустриската транзиција.
Со почит,
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини