Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, заедно со Елена Ивановска, кабинетски службеник за следење на стратешките приоритети на Владата на Република Северна Македонија, оствари работна средба со Дарио Лигути, директор на Одделот за енергетика, домување и управување со земјиште (EHLMD), и Олег Ѕубински, регионален советник за енергетика при Економската комисија на Обединетите нации за Европа (UNECE).
На средбата, Божиновска и Лигути ја оценија како особено продуктивна досегашната соработка меѓу Министерството и UNECE во организацијата на Првиот форум за енергетска дипломатија во Скопје. Двајцата соговорници го потврдија заедничкиот интерес за продолжување и унапредување на заедничките активности во областа на одржливата енергетика, како и во промовирањето и зајакнувањето на улогата на жените во енергетскиот сектор.
Посебен фокус беше ставен на проширувањето на Мрежата на жени во енергетската дипломатија, воспоставена во рамки на Форумот. Министерството и UNECE се согласија заеднички да ги охрабруваат и мотивираат организациите и институциите предводени од жени активно да се приклучат кон оваа иницијатива, со цел градење посилно женско лидерство и поголема вклученост во креирањето на енергетските политики.
Воедно, беше потврдено дека Економската комисија на Обединетите нации за Европа (UNECE) ќе продолжи да обезбедува континуирана поддршка за Република Северна Македонија во клучните стратешки области за развој на секторот како: енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија, електрификацијата, праведната енергетска транзиција, намалувањето на емисиите на метан и одржливото управување со ресурсите.
Продолжувањето на оваа соработка директно ја зајакнува позицијата на државата во регионалната енергетска дипломатија, обезбедува пристап до врвна меѓународна експертиза за праведна и одржлива транзиција.
Со почит,
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини