Божиновска: Заедничка поддршка од државата и компаниите за енергетска одржливост - Уште едно училиште со паметен систем за следење на потрошувачката на енергија

Божиновска: Заедничка поддршка од државата и компаниите за енергетска одржливост - Уште едно училиште со паметен систем за следење на потрошувачката на енергија

Енергетската ефикасност мора да почне од основата – од нашите училишта, каде што ги воспитуваме идните граѓани и професионалци. Во основното училиште „Наум Наумовски Борче“ во Маџари, во присуство на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски, се потпиша меморандум за соработка и донација на паметни уреди за следење и управување со потрошувачката на електрична енергија. Меморандумот беше потпишан од страна на директорката на училиштето Елизабета Темелковска и претставничката на Шпаркасе Банка Златица Цивкаровски.

Со овој меморандум започнува процесот на инсталација на напредното решение Smart Energy Metering and Management (SEMM) во училиштето „Наум Наумовски Борче“, со што ова училиште се приклучува на мрежата на јавни институции кои го воведуваат паметното следење и управување со потрошувачката на електрична енергија.

Преку вакви конкретни чекори, ја пренесуваме пораката дека секоја институција, па и секој поединец, има улога во одржливото управување со енергијата. Истовремено, со ваквите проекти ги учиме младите генерации на свесност, одговорност и рационално користење на енергијата – вредности коишто се суштински за иднината што ја градиме заедно,“ истакна министерката Божиновска.

Вакви системи веќе се инсталирани во четири скопски основни училишта:

  • „Мирче Ацев“ – Општина Ѓорче Петров,
  • „Исмаил Ќемали“ – Општина Чаир,
  • „Кирил Пејчиновиќ“ – Општина Кисела Вода,
  • „Лазо Ангеловски“ – Општина Аеродром.

Министерката Божиновска нагласи дека ова е прв чекор кон системско воведување на дигитални решенија за енергетска ефикасност во јавниот сектор, особено во образованието.

„Се надеваме дека сè повеќе компании ќе го следат овој пример и ќе се вклучат во решенија коишто ќе им помогнат на овие институции полесно и поефикасно да се справуваат со потрошувачката и трошоците за електрична енергија,“ посочи Божиновска.

Таа додаде дека компаниите не треба да бидат само технолошки иновативни, туку и општествено одговорни, и дека поддршката на приватниот сектор за училиштата и болниците е од суштинско значење во услови на глобални енергетски предизвици.

Од училиштето изразија благодарност за поддршката и партнерството, истакнувајќи дека ваквите иницијативи се значајни не само за заштеда на енергија, туку и за воспитување на учениците во духот на одговорност кон заедницата и околината.

Во рамки на посетата, министерката Божиновска, градоначалникот Стефковски и претставниците на Шпаркасе Банка разговараа со наставниците и учениците, кои ја претставија својата визија за „зеленото училиште на иднината“ и активностите што веќе ги реализираат во насока на енергетска и еколошка свест.

 

Со почит,

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

 

Мени за пристапност