Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја посети акредитираната лабораторија за проверка на броила на електрична енергија при Електродистрибуција, која повеќе од една деценија служи за контролата на мерењето и исправноста на броилата.
Посетата следи по реализираната 13-та редовна надзорна оценка на Институтот за акредитација на Република Македонија и Бирото за метрологија при Министерството за енергетика, кои годинава повторно потврдија дека Телото за инспекција на броила целосно ги исполнува барањата на меѓународниот стандард МКС ЕN ISO/IEC 17020.
Тимот на Електродистрибуција пред министерката детално ја презентираше технологијата, постапките и безбедносните протоколи што се применуваат во процесот на метролошко тестирање на броилата. Министерката Божиновска ја разгледа современата опрема, меѓу која и седум испитни станици произведени од германската компанија ЕМХ, и се запозна со инженерите и стручниот кадар кој секојдневно обезбедува прецизно, сигурно и транспарентно тестирање на броилата што ги користат потрошувачите низ целата држава.
„Прецизното испитување на броилата е клучен сегмент во создавање доверба кај потрошувачите, бидејќи секој граѓанин треба да биде сигурен дека плаќа за реално потрошена енергија. Резултатите од последната надзорна оценка потврдуваат дека Телото за инспекција на броила на електродистрибуција целосно ги исполнува барањата ,“ изјави министерката Божиновска.
Министерката додаде дека Министерството за енергетика ќе продолжи со редовни обиколки и контроли на ваквите институции, со цел лично да се увери во точноста, транспарентноста и квалитетот на процесите што се од најголемо значење за граѓаните.
„Ваквите лаборатории мора да бидат модерни, сертифицирани и кредибилни, за граѓаните да знаат дека постои место каде можат да ја проверат исправноста и точноста на своето броило. Тоа е прашање на фер однос, доверба и јавен интерес,“ порача Божиновска.
Во посетата на лабораторијата заедно со министерката Божиновска присуствуваше и директорот на Бирото за метрологија, Седат Рушани. Од Министерството информираат дека и во Бирото за метрологија ќе биде ставена во функција современата опрема за државна контрола и верификација на броилата, која повеќе години бил неискористена. Со ова, граѓаните ќе добијат можност за независна државна проверка на исправноста на своите броила, директно во институција под надлежност на државата, што ќе придонесе за зголемена транспарентност, доверба и правичност во мерењето и наплатата на потрошената енергија.
Од страна на менаџерскиот тим на Електродистрибуција пак беше нагласено дека компанијата континуирано инвестира во развој на технологијата и во обука на стручниот кадар, со цел да ја задржи високата прецизност и објективност во испитувањето на броилата.
Од 2012 година, кога Телото за инспекција првпат ја доби акредитацијата, секоја наредна проверка била успешно обновена со позитивна оценка од највисоките државни и меѓународни тела.Телото за инспекција на броила на Електродистрибуција е акредитирано инспекциско тело тип „Б“, кое работи според европските стандарди и опфаќа инспекција на броила за прва, периодична и вонредна верификација, метролошка проверка на квалитетот и вонредна инспекција на исправноста (А-тест), со цел обезбедување на точност, сигурност и доверливост во мерењето на потрошената електрична енергија.
Со почит,
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини