БОЖИНОВСКА: РЕФОРМИ ЗА ЕКОНОМСКИ ОПРАВДАНИ ПРОЕКТИ, ФЕР КОНКУРЕНЦИЈА И КОНТРОЛА НА СПРОВЕДУВАЊЕТО НА ДОГОВОРИТЕ ЗА ЈПП И КОНЦЕСИИ

БОЖИНОВСКА: РЕФОРМИ ЗА ЕКОНОМСКИ ОПРАВДАНИ ПРОЕКТИ, ФЕР КОНКУРЕНЦИЈА И КОНТРОЛА НА СПРОВЕДУВАЊЕТО НА ДОГОВОРИТЕ ЗА ЈПП И КОНЦЕСИИ

Економски оправдани инвестиции, фер конкуренција и доследна контрола на исполнувањето на договорните обврски се главните приоритети на реформата на системот за јавно-приватни партнерства и концесии. Ова го истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на дискусијата организирана од Центарот за граѓански комуникации, информирајќи за подготовката на новиот Закон за јавно-приватно партнерство и новиот Закон за концесии на добра од општ интерес.

„Не е целта да се склучуваат што повеќе договори, туку да се избираат економски оправдани проекти, да се обезбеди фер конкуренција и да се контролира исполнувањето на обврските. Приватниот капитал треба да биде двигател на развојот, а не извор на неконтролирани јавни обврски“, истакна Божиновска.

Со реформата се предвидуваат појасни правила за подготовка, оценување и одобрување на проектите. Пред изборот на моделот за реализација ќе се оценуваат економската оправданост, финансиската одржливост и можните ризици, во координација со системот за управување со јавните инвестиции и Министерството за финансии.

Целта е приватниот капитал да се насочува кон проекти што создаваат реална вредност за граѓаните, со фер конкуренција и заштита на јавните средства.

Значајна новина е зајакнувањето на институционалната контрола. Со предложеното законско решение, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Министерството за финансии ќе добијат дополнителни надлежности во подготовката и одобрувањето на проектите, како и во следењето на договорите и управувањето со финансиските ризици.

Планирано е воспоставување електронски регистар на доделените договори за јавно-приватно партнерство, што ќе придонесе за поголема транспарентност и подобро следење на нивната реализација.

Божиновска нагласи дека усогласувањето со европските правила и практики не е само законска обврска, туку можност за воспоставување функционален систем со јасни процедури, правна сигурност за инвеститорите и поголема одговорност на институциите.

„Нашата цел е да изградиме систем каков што имаат и другите европски земји – со јасни процедури, транспарентност и одговорност. Важно е секој проект да биде добро подготвен, економски оправдан и во интерес на граѓаните. Одговорноста не завршува со потпишувањето на договорот, туку со исполнувањето на преземените обврски“, порача Божиновска.

 

Со почит,

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Мени за пристапност