Божиновска: Нема компромис кога станува збор за здравјето на луѓето – енергетската транзиција е наш одговор на аерозагадувањето

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

На надзорната расправа на Собраниската комисија за здравство на тема „Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје“, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, го претстави пристапот и конкретните чекори на Министерството за справување со енергетските фактори кои придонесуваат за загадувањето на воздухот.

Министерката потенцираше дека Министерството е целосно вклучено во спроведувањето на проектите од „Планската програма за почист воздух 2024 – 2030“, кои директно таргетираат намалување на загадувањето преку инвестиции во почисти извори на енергија и подобрување на енергетската ефикасност.

Таа посочи дека Министерството активно работи на повеќе фронтови:

· Субвенционирање на топлински пумпи и гасни котли во домаќинства,

· Развој на гасни когенеративни централи во урбани средини,

· Модернизација на системите за греење во јавниот сектор преку проектот „Државата не загадува – водиме со пример“,

· Електрификација на такси флотата,

· Поддршка за граѓани и бизниси преку Green Finance Facility иницијативата.

„Како Министерство, ние сме целосно свесни за влијанието кое традиционалните енергетски капацитети го имаат врз квалитетот на воздухот. Но сакам да бидам децидна – проблемот не лежи само во возраста на енергетските капацитети. Она што навистина ја продлабочи кризата на загадување е и негрижата и свесната злоупотреба на системот – користење на штетни горива од сомнително потекло, само за лична или имотна корист. Да ве потсетам на последниот случај за кој Обвинителството води постапка – набавка на токсичен мазут што бил користен за греење на болници и јавни објекти во земјава. И тоа не еден туку мрежа на увозници кои, спротивно на законот, испорачувале горива што не ги исполнуваат ниту основните еколошки стандарди. – а цената, како и секогаш, ја плаќаат граѓаните, со своето здравје и со загадената животна средина. Вакви случаи покажуваат колку е важно да воспоставиме систем кој не дозволува злоупотреби. Тоа е и суштината на новиот Закон за енергетика – строга контрола и јасни еколошки стандарди.“ изјави Божиновска.

Божиновска истакна и дека Министерството работи на обезбедување пристап до природен гас како транзиторна алтернатива и паралелно инвестира во обновливи извори.

„ Зелената транзиција мора да биде праведна. Затоа, стратешки остануваме посветени на модернизацијата на РЕК Битола, но истовремено градиме соларни и ветерни централи. Регионалната соработка е клучна. Изградбата на нови интерконекции со Албанија, Грција и другите соседи ќе го зацврсти регионот и ќе ги отвори вратите за поголеми инвестиции“ додаде таа.

Енергетската транзиција е наш најсилен инструмент за да обезбедиме почист воздух, поздрави заедници и одржлива иднина. Ние не бегаме од одговорноста што ја носи минатото, но ја користиме секоја можност да изградиме одржлива иднина истакна Божиновска и упати апел за координирана акција на сите сектори.

„Не може ниту едно министерство само да се справи со аерозагадувањето. Потребна е координирана акција, од централно до локално ниво.“ изјави Божиновска

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува отворено за соработка со сите релевантни институции и ќе продолжи со енергична реализација на мерките што носат реално подобрување на квалитетот на воздухот во земјата.

 

Со почит,

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Мени за пристапност