Министерството учествуваше на 4-тиот Управен комитет на „Зелен финансиски механизам за подобрување на квалитетот на воздухот и борба против климатските промени“

Министерството учествуваше на 4-тиот Управен комитет на „Зелен финансиски механизам за подобрување на квалитетот на воздухот и борба против климатските промени“
Во Скопје се одржа 4-тиот состанок на Управниот комитет на заедничката програма на Обединетите нации „Зелен финансиски механизам за подобрување на квалитетот на воздухот и борба против климатските промени во Северна Македонија“. Од аспект на институционалната надлежност во областа на енергетската ефикасност и климатските политики, на состанокот присуствуваше претставник од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Димитар Парнарџиев, раководител на Секторот за енергетска ефикасност и климатски промени.
 
На состанокот беа презентирани резултатите од спроведувањето на програмата во изминатиот период, студијата за валидација на постигнатите енергетски, климатски и еколошки ефекти, како и планот за работа и клучните предизвици за 2026 година.
Програмата, предводена од Програма за развој на Обединетите нации во партнерство со Меѓународната организација за миграција, и со поддршка од Европска банка за обнова и развој и Економска комисија на Обединетите нации за Европа како имплементациски партнер, обезбедува пристап до поволно зелено финансирање за мали и средни претпријатија и домаќинства за инвестиции во обновливи извори на енергија и мерки за енергетска ефикасност.
 
Според презентираната студија за валидација, во периодот 2023–2025 година се остварени годишни заштеди од 65.345 MWh енергија и намалување на емисиите од 50.701 тони CO₂ годишно, како и значајни придобивки за квалитетот на воздухот.
Министерството ја поздравува досегашната имплементација на програмата, која претставува значаен инструмент за забрзување на инвестициите во енергетска ефикасност и обновливи извори, со директен придонес кон подобрување на квалитетот на воздухот и остварување на националните климатски цели. Програмата продолжува со имплементација до 2027 година, со зголемени амбиции и проширени индикатори за следење на ефектите.
 
Со почит,
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Мени за пристапност