Занаетчиите со силна поддршка за иницијативата на министерката Божиновска за институционална заштита на македонскиот рубин“

Занаетчиите со силна поддршка за иницијативата на министерката Божиновска за институционална заштита на македонскиот рубин“

Националната комора на занаетчиите на Република Македонија изрази јасна и недвосмислена поддршка за активностите на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, насочени кон институционална заштита на македонскиот рубин – единствениот природен рубин во Европа, кој се вади и обработува исклучиво во Прилеп и Мариово.

 

На средбата со министерката Божиновска присуствуваа претседателот на Комората, Агрон Фазлији, Соња Вељанова член на надзорниот орган, директорката на Републичката комора, Јелена Спасова, како и долгогодишниот промотор на македонскиот рубин, Деко.

 

Претставниците на Комората оценија дека институционалната заштита што ја иницира министерката ќе внесе „силен ветер во грб“ на македонското занаетчиство. Тие посочија дека уникатни рачно изработени парчиња накит и уметнички дела со македонски рубин ќе ја претставуваат земјата пред светот, како автентичен симбол на нејзиното природно и културно наследство.

 

Во знак на благодарност, министерката Божиновска доби симболичен подарок – рачно изработен клуч дизајниран од Соња Вељанова, во кој се вградени минерали од македонската почва, наречен „Македонски клуч“. Овој уникатен подарок, изработен со традиционални занаетчиски техники, претставува симбол на отвореност, доверба и заеднички пат кон зачувување на националното наследство.

 

Занаетчиите, во рамките на разговорот, истакнаа подготвеност активно да го поддржат процесот на заштита и промоција на македонскиот рубин, но и побараа поддршка од Министерството за создавање услови за развој на занаетчиството. Тие нагласија дека е потребна институционална помош за олеснување на административните и финансиските бариери со кои се соочуваат, меѓу кои и високите сметки за електрична енергија. Дополнително, беше нагласена потребата од креирање програми што ќе привлечат млади луѓе кон занаетчиството, со цел да се спречи изумирањето на оваа автентична традиција.

 

Министерката Божиновска ја потврди својата посветеност кон процесот на заштита и афирмација на македонскиот рубин, но и ја нагласи важноста на занаетчиите како чувари на културното и природното наследство:

 

Верувам во нивната моќ и талент. Ќе направиме сè Македонија да ја зачува својата автентичност, да го поддржи творештвото и да обезбеди иднина во која традицијата живее преку рацете на нови генерации.

Македонскиот рубин е дел од националниот идентитет. Заедно со занаетчиите, ќе работиме да ја пренесеме неговата вредност во секој изработен примерок, за Македонија да се претстави пред светот со автентичен симбол на својата убавина и традиција.“

 

Со почит 

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

 

Мени за пристапност