Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја информира јавноста дека со одлукaта на Владата и постапувањето на надлежните институции, се потврди клучната цел – спречено е поскапување на горивата и постигната е нивна стабилизација.
Регулаторната комисија за енергетика донесе нова одлука за цените на нафтените деривати која ќе важи од полноќ до следниот вторник, при што цените изнесуваат:
- Моторен бензин - ЕУРОСУПЕР БС - 95 - 86,50 (денари/литар)
- Моторен бензин - ЕУРОСУПЕР БС – 98 - 88,50 (денари/литар)
- Дизел гориво - ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) - 95,50 (денари/литар)
- Масло за горење - Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) - 92,00 (денари/литар)
- Мазут М-1 НС - 47,610 (денари/килограм)
Со ова, се потврдува дека навремената и прецизна интервенција на државата го прекина трендот на раст на цените, кој во спротивно ќе значеше значително поскапување за граѓаните и стопанството.
„Едноставно: спречивме поскапување, ја стабилизиравме цената и ги заштитивме граѓаните.“
Во услови на силен раст на цените на светските пазари во изминатиот период, Владата донесе клучна мерка:
- намалување на ДДВ за горивата од 18% на 10%
Оваа мерка, која ќе важи во наредните две недели со можност за продолжување, обезбеди директно намалување на цената за 6 до 7 денари по литар, како и спречување на дополнителен ценовен удар.
Според анализите, без интервенција, цената на бензините ќе се зголемеше за околу 6,5 денари по литар, а дизелот за над 10 денари, што ќе предизвикаше сериозен притисок врз транспортот, услугите и цените на основните производи.
„Ова е интервенција што го прекинува синџирот на поскапувања – од горивата до храната и услугите.“ нагласи Божиновска.
Министерството нагласува дека изборот на мерката – намалување на ДДВ – е направен врз основа на нејзиниот директен и брз ефект врз крајната цена, за разлика од други инструменти кои бараат подолги процедури и имаат ограничен ефект.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, надоврзувајќи се на мерката од 13 март со која компанијата ОКТА овозможи попуст од 2 денари по литар за дизел и бензини за трговците, е во континуирана и интензивна комуникација со компанијата за можностите за дополнително зголемување на овој попуст. Имајќи предвид дека иницијалната мерка веќе создаде простор дел од олеснувањето да се пренесе кон крајните потрошувачи и придонесе за ублажување на ценовниот притисок, во тек се разговори за нов пакет на услови со кои би се постигнал уште посилен ефект врз стабилизацијата на цените на горивата, особено кај дизелот. Во таа насока, се очекува дополнителен придонес и од малопродажните трговци, со цел попустите во целост да се рефлектираат во цените за граѓаните. Паралелно, активно се работи и со сите економски оператори на пазарот, при што се очекува одговорно однесување и конкретни чекори за дополнително ублажување на ценовниот притисок.
„Во време на криза, одговорноста е заедничка – и на државата и на компаниите“, потенцира Божиновска.
Министерката Сања Божиновска истакна дека државата успешно се справува со предизвиците од глобалната енергетска криза предизвикана од воените случувања во Заливот, при што снабдувањето со горива се одвива непречено и без прекини. Таа нагласи дека е во постојана комуникација со ресорните министри од регионот, а сите надлежни институции се координираат редовно со цел навремена и ефикасна реакција на секоја новонастаната ситуација.
Државните резерви се стабилни, пазарната инспекција врши засилени и редовни контроли, а според информациите, сите економски оператори располагаат со законски задолжителните петдневни резерви. Дополнително, непречено функционира и продуктоводот Скопје–Солун (ВАРДАКС), кој значително ја зајакнува сигурноста на снабдувањето и овозможува континуиран и стабилен дотур на горива на домашниот пазар.
Министерството за енергетика континуирано ја следи состојбата на домашниот и меѓународниот пазар и е подготвено да реагира навремено со дополнителни мерки, меѓу кои:
- дополнително намалување на ДДВ, доколку е потребно
- интервенции во трговските маржи
- користење на државните резерви
- други фискални и регулаторни инструменти, согласно развојот на состојбата
Во овој момент, Македонија останува меѓу земјите со најниски цени на горивата во регионот, што дополнително ја потврдува ефикасноста на преземените мерки и стабилноста на енергетскиот систем.
Министерството уверува дека приоритет останува заштитата на животниот стандард на граѓаните и стабилноста на економијата.
Со почит,
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини