Рударството бара млади умови: Знаењето во акција – Министерството отвора врати за идните експерти

Рударството бара млади умови: Знаењето во акција – Министерството отвора врати за идните експерти

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, денес потпишаа Меморандум за соработка со кој се отвораат нови можности за едукација и развој на кадарот во секторот за рударство, енергетика и минерални суровини.

 

Потписници на меморандумот се министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Проф. д-р Дејан Мираковски.

 

Со оглед на тоа што секторот за рударство и минерални суровини во Македонија се соочува со сериозен недостиг на стручен кадар, оваа соработка е значајна за брза подготовка на едуцирани млади професионалци. Практикантската работа, стручната експертиза и можноста за директен пренос на знаење ќе обезбедат студентите да станат подготвени и високо квалификувани кадри.

 

„Соработката со еден од најреномираните универзитети во земјата е чекор кон обезбедување сигурна иднина во енергетиката и рударството. Со овој меморандум, вложуваме во едукација, иновации и нова генерација стручњаци,“ изјави министерката Божиновска по потпишувањето.

Ректорот, проф. д-р Мираковски, додаде дека Универзитетот ќе вложи максимални напори во создавање кадар кој ќе одговори на предизвиците на оваа значајна индустрија, со посебен акцент на примената на нови технологии.

 

Особено значајна е можноста за студентите да се вклучат во креирањето на јавни политики преку изработка на магистерски и докторски тези на теми релевантни за развојот на енергетиката и рударството.

 

„Нашите студенти имаат шанса да стекнат уникатно искуство и да придонесат за подобра иднина во индустријата која е мотор на економскиот развој,“ истакна проф. д-р Мираковски. 

 

Меморандумот предвидува заедничко унапредување на законската регулатива во областа на енергетиката, рударството и минералните суровини, апликација за проекти кои ќе овозможат развој на нови технологии, како и организирање на практикантска работа за студентите.

 

Со овој меморандум, државата испраќа порака дека инвестирањето во образованието е основата за стабилен и одржлив развој на секторите кои се од витално значење за Македонија.

Мени за пристапност