Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во Штип, одржа работилницата за градење на капацитетите на општинската администрација за подготовка на програми за енергетска ефикасност.
Настанот се реализираше во рамки на проектот Поддршка на енергетските реформи во Република Северна Македонија, финансиски поддржан од Делегацијата на Европската Унија. Работилницата имаше за цел да обезбеди поголемо разбирање и практични знаења за законските обврски на единиците на локалната самоуправа, подготовка и спроведување на програмите за енергетска ефикасност, како и механизмите за финансирање на нивната имплементација.
Преку презентации, практични вежби и дискусии, учесниците добија детални насоки за изготвување на програма за енергетска ефикасност, годишен план за спроведување, како и подготовка на извештај за реализацијата од претходната година. Дополнително, беа презентирани методологијата за пресметка на индикативниот потенцијал за енергетски заштеди и пристапите за определување на профитабилноста на предложените мерки.
Работилницата ја отворија претставници на Министерството и тимот на проектот, а во текот на целиот ден учесниците работеа со експерти од земјата и од меѓународниот проектен тим.
Министерството ќе продолжи со активности за јакнење на институционалните капацитети и обезбедување на доследна примена на европските стандарди во областа на енергетската ефикасност.
Со почит,
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини