На 4-ти декември 2025 година во Битола се одржа работилницата за градење на капацитетите на општинската администрација за подготовка на програми за енергетска ефикасност. Настанот е организиран во рамки на проектот „Поддршка на енергетските реформи во Република Северна Македонија“, кој се спроведува со финансиска поддршка од Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија.
Целта на проектот е да се обезбеди високо ниво на ефикасна енергетска политика и стратешка правна рамка, да се овозможи соодветно имплементирање и мониторинг на процесите, да се зголеми хармонизацијата на националното законодавство со енергетската правна рамка на Европската Унија и да се зајакнат институционалните капацитети на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
На работилницата беа презентирани законските обврски на единиците на локалната самоуправа, вклучително и на единиците во градот Скопје, во делот на изготвување, доставување и известување за програмите за енергетска ефикасност. Преку презентации и практични вежби, учесниците имаа можност да се запознаат со целокупниот процес на изготвување на програма за енергетска ефикасност, годишен план за нејзино спроведување, извештај за реализирани активности во претходната година, како и со механизмите за финансирање на нејзината имплементација.
Работилницата претставува значаен чекор во зајакнување на капацитетите на локалната администрација за ефикасно управување со енергетските ресурси и успешно спроведување на мерки за енергетска ефикасност на локално ниво. Оваа работилница е планирана за општините од Пелагонискиот, Вардарскиот и Југозападниот плански регион и беше испратена покана до нив.
Со почит,
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини