Прв состанок на Комитетот за јавни инвестиции – системски пристап во планирањето на капиталните инвестиции

Прв состанок на Комитетот за јавни инвестиции – системски пристап во планирањето на капиталните инвестиции
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини активно се вклучи во првиот состанок на Комитетот за јавни инвестиции, на кој присуствуваше заменик-министерот Мирослав Лабудовиќ.
 
Формирањето на Комитетот претставува суштинска промена во начинот на кој државата ги планира и реализира капиталните инвестиции – со јасни правила, мерливи критериуми и фокус на проекти што носат реална вредност.
 
За Министерството за енергетика, ова значи воведување ред и стратешка дисциплина во сектор кој директно ја определува економската стабилност и развојната динамика на државата.
 
На состанокот беа разгледани иницијативи со вкупна проценета вредност од 3,4 милијарди евра, меѓу кои значаен дел се однесуваат на инфраструктурни и енергетски проекти со долгорочно влијание.
 
„Со овој пристап, конечно се воспоставува систем во кој инвестициите не се резултат на ад-хок одлуки, туку на јасна стратегија и реална подготвеност. За енергетиката, ова е особено важно – затоа што станува збор за сектор кој бара сериозни вложувања, долгорочно планирање и висока одговорност.“истакна Лабудовиќ
 
 
Тој нагласи дека Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе продолжи активно да ги предлага и поддржува проектите кои се изводливи, финансиски одржливи и усогласени со националните приоритети за енергетска транзиција, сигурност во снабдувањето и одржлив развој..
 

Со воспоставувањето на Комитетот за јавни инвестиции, државата прави исчекор кон транспарентен, предвидлив и ефикасен систем, во кој капиталните проекти ќе се вреднуваат според нивната вистинска развојна тежина – а енергетиката ќе има клучна улога во тој процес.

 

Со почит,

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Мени за пристапност