Претставници на Министерството за енергетика, рударство и минерални суриовини одржаа координативен состанок со претставници на Климатскиот инвестициски фонд (CIF), Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Светската банка и Меѓународната финансиска корпорација (IFC), посветен на понатамошните чекори за финансирање и имплементација на процесот на праведна транзиција.
На состанокот беше потврдена јасната определба на земјата за праведна и уредна енергетска транзиција, во согласност со националните стратешки документи и Инвестицискиот план за забрзана транзиција од јаглен.
Беше разгледана можната финансиска структура за реализација на Инвестицискиот план за забрзана транзиција од јаглен, вклучително продолжување на роковите за имплементација од страна на CIF. Исто така беше разгледана и дискутирана можноста за пристап до дополнителни грантови и соодветно финансирање, доколку се утврди потребата за истото.
Учесниците ја истакнаа важноста од тесна координација меѓу институциите и партнерите за навремена и ефикасна реализација на процесот, со цел обезбедување безбедна, одржлива и праведна енергетска транзиција за сите засегнати страни.
Со почит,
Министерството за енергетика, рударство и минерални суриовини