Обраќање на министерката Сања Божиновска по повод Денот на рударите - 28 Август

Обраќање на министерката Сања Божиновска по повод Денот на рударите - 28 Август

 

Интегрално обраќање на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска по повод 28 Август - Денот на рударите:

 

Почитувани рудари, геолози, инженери, почитувани техничари, работници,почитувани претставници на државните институции,почитувани претставници на стопанството, менаџментите, синдикатите и академската заедница, почитувани градоначалници, дами и господа,

Добар ден и добродојдовте

Ми претставува особена чест дека денес сме собрани за да оддадеме почит на една од најзначајните стопански гранки во Македонија, рударството. Но, уште поважно, да им оддадеме почит на луѓето кои со својата работа, знаење, храброст и истрајност го создаваат македонското рударство. Во средиштето на овој ден, Денот на рударите, отсекогаш бил и мора да остане човекот - неговото достоинство, неговата безбедност и почитта кон неговиот труд.

Македонија е земја богата со минерални суровини. Нашето природно богатство опфаќа бакар, олово, цинк, сребро, злато и голем број други металични и неметалични минерални суровини. Тоа богатство со генерации е дел од развојот на нашата економија, но и од животот на многу македонски градови и семејства.

Кога зборуваме за економското значење на рударството, бројките навистина кажуваат многу.

Во 2025 година во Македонија беа произведени 130.174 тони бакарен, оловен и цинков концентрат. Рударството учествуваше со 10,9 проценти во индустриското производство, а од оваа гранка доаѓаа 2,8 проценти од вкупниот македонски извоз.

Во истата година приходите од концесиски надоместоци достигнаа над 1,22 милијарди денари – историски највисока наплата. Позитивниот тренд продолжува и во 2026 година. Само во првите шест месеци се наплатени речиси 574 милиони денари, повеќе од двојно во споредба со истиот период од 2024 година.

Овие резултати не се случајни. Тие се производ на подобрениот систем на наплата, засилениот институционален надзор, почестите контроли и поодговорниот однос кон користењето на природните ресурси, кои се добра од општ интерес.

Но, зад секоја статистика има човечка приказна.

Има луѓе кои секое утро заминуваат на работа во рудниците. Има семејства кои живеат од нивниот труд. Има професии и знаење што се пренесуваат од една генерација на друга. Има градови во кои рударството не е само стопанска дејност, туку дел од нивната историја, идентитет и перспектива за иднината.

Економското влијание на рударството не завршува на портите на рудникот. Еден рудник создава работа и за транспортни компании, градежништвото, машинската индустрија, лабораториите, инженерските и проектантските компании, локалните добавувачи и голем број мали и средни претпријатија. Затоа, оваа гранка треба да ја гледаме како поширок синџир на економска вредност.

Особено е важно придобивките да ги чувствуваат луѓето и општините во кои се врши експлоатацијата.

Согласно законската распределба, 78 проценти од платените концесиски надоместоци се приход на општината на чија територија се врши концесиската дејност. Тоа е една од најдиректните врски меѓу рударството и локалниот развој.

Овие средства треба да се претвораат во подобри локални патишта, водоводи, комунална инфраструктура, училишта, јавни услуги и проекти за заштита на животната средина. Тие треба да бидат видливи во секојдневниот живот на граѓаните.

Одговорноста, секако, не завршува со плаќањето на концесискиот надоместок. Од рударските компании очекуваме да бидат вистински партнери на општините и граѓаните. Тоа значи ангажирање локални работници и добавувачи, поддршка на училиштата и стручните образовни програми, стипендии за младите, вложување во здравството, спортот, културата и локалната инфраструктура. Рудникот треба да биде двигател на целиот регион во кој работи.

Искуството од општините и градовите во кои рударството е присутно со децении покажува уште нешто многу важно. Граѓаните кои живеат најблиску до активните рудници, по правило, имаат далеку попозитивен и попрагматичен однос кон рударството од оние кои го познаваат само преку јавните полемики. Тие секојдневно гледаат што значи рудникот за работните места, локалните компании, општинскиот буџет и развојот на нивниот град. Затоа, во најголем дел, ја поддржуваат работата на рудниците, особено кога тие работат одговорно, безбедно и во партнерство со локалната заедница. Таа поддршка не е безусловна, туку се гради и се заслужува со резултати, транспарентност и почитување на луѓето и животната средина.

Рударството е базична индустрија, затоа што од него започнуваат голем број други индустрии. Без минералните суровини нема челик, цемент, бакар, алуминиум и други материјали врз кои се потпира современиот живот. Без нив нема домови, патишта, болници, железници, електрични мрежи, автомобили, телефони, медицинска опрема, соларни панели и ветерни електрани. Речиси секоја придобивка на современото општество, на почетокот од својот производствеен синџир, има минерална суровина извадена од земјата. Затоа рударството не е дејност од минатото. Тоа е основа на индустријата на сегашноста и предуслов за технологиите на иднината.

Ние имаме причини да бидеме горди на македонското рударство, на неговата традиција, на знаењето што го поседуваме и на луѓето кои го одржуваат. Но, мораме да бидеме искрени и да погледнеме што се случува околу нас. Додека кај нас со децении нема нов голем металичен рудник, соседните држави инвестираат значително повеќе. Србија реализира повеќемилијардни вложувања во бакарниот комплекс во Бор и во нови капацитети, Грција го приведува кон производство големиот проект за бакар и злато „Скуриес“, а Бугарија го планира развојот на рударството во рамките на својата индустриска стратегија. Македонија не смее да стои настрана додека регионот и Европа ги зајакнуваат своите производствени и суровински капацитети. Нашата предност во природни ресурси мора да ја претвориме во одржлив развој, домашна додадена вредност и подобар живот за граѓаните.

Тоа, секако, не значи развој по секоја цена. Нашата задача не е да избереме меѓу економијата и животната средина, меѓу инвестициите и јавниот интерес или меѓу денешните работни места и правото на идните генерации на здрава средина. Нашата задача е да го пронајдеме и да го одржуваме вистинскиот баланс. Балансот не значи пониски стандарди. Тој значи јасни правила, силни институции, одговорни инвеститори и одлуки што создаваат корист денес, без да ја загрозуваат иднината.

Почитувани присутни,

Економскиот развој и заштитата на животната средина не смеат да се спротивставени цели. Современото рударство може да има перспектива само доколку е економски оправдано, социјално одговорно и еколошки одржливо.

За нас, европските стандарди мора да бидат секојдневна работна обврска.

Тоа подразбира темелна проценка на влијанието врз животната средина пред почетокот на секој проект. Подразбира заштита на водата, почвата, воздухот и биолошката разновидност. Подразбира примена на најдобрите достапни технологии, безбедно управување со јаловината и рударскиот отпад, редовен мониторинг и јавно достапни податоци.

Тоа значи и обезбедени финансиски гаранции, планови за затворање и рекултивација уште од почетокот на проектот и целосна одговорност за санација на просторот по завршувањето на експлоатацијата.

Економската добивка не може да биде оправдување за слаб надзор, непочитување на прописите или пренесување на ризиците врз граѓаните. Не може добивката да остане кај компанијата, а последиците кај локалната заедница.

Токму затоа ќе продолжиме со засилени контроли, инсистираме на доследна примена на законите. За компаниите кои вложуваат во безбедноста на работниците, современа технологија, локалниот развој и заштитата на животната средина, Министерството ќе биде партнер. Но, за неодговорното работење и заобиколувањето на законските обврски не може да има попуст и компромис.

Европа денес повторно го препознава значењето на сопствените минерални ресурси, современата индустрија ја зголемуваат побарувачката за критични минерални суровини.

Прашањето повеќе не е дали на Европа ѝ е потребно рударството. Прашањето е како тоа рударство ќе работи, според какви стандарди и колкав дел од создадената вредност ќе остане во државите и локалните заедници.

Во тоа се наоѓа и можноста за Македонија. Не треба да бидеме само извор на суровини. Треба да создаваме поголема домашна додадена вредност преку преработка, технологија, инженерство, знаење и вклучување на македонските компании во европските производствени синџири.

За тоа ни е потребна јасна и долгорочна визија.

Со Стратегијата за минерални суровини, по повеќе децении оваа област треба да добие јасна развојна насока. Ги подготвуваме новите законски решенија за рударството и геолошките истражувања, со цел да воспоставиме попредвидлива регулатива, поголема транспарентност, посилен надзор, повисоки еколошки стандарди и поактивно учество на локалните заедници.

Нашата цел е јасна: развој на модерно, конкурентно и одговорно рударство, целосно усогласено со европските правила и со интересите на граѓаните.

Но, ниту една стратегија, инвестиција или технологија не може да биде поважна од безбедноста на работниците.

Ниту еден тон произведена руда и ниту една инвестиција не вредат повеќе од човечкиот живот. Затоа безбедноста мора да биде култура на однесување во секој рудник, во секоја смена и на секое работно место.

Секој рудар има право на современа опрема, соодветна обука, здравствена заштита, достоинствена заработувачка и услови во кои по завршувањето на смената безбедно ќе се врати дома кај своето семејство.

Истовремено, мораме да создадеме простор за новите генерации. На рударството му се потребни млади инженери, геолози, техничари, оператори и експерти за животна средина. Потребна е посилна врска меѓу компаниите, средните стручни училишта и универзитетите. Потребни се практична настава, стипендии и јасна перспектива за младите кои ќе одлучат својата иднина да ја градат во оваа дејност.

Почитувани рудари,

Денес со почит гледаме на она што го создале генерациите пред нас. Но, истовремено имаме обврска да изградиме рударство достојно за генерациите што доаѓаат.

Успешен рудник не е само рудник што остварува производство и добивка. Успешен е рудникот кој зад себе остава развиена општина, подобра инфраструктура, нови знаења, квалификувани работници, заштитена животна средина и земјиште вратено во корисна состојба.

Затоа нашата визија се темели на три неразделни одговорности: одговорност кон работникот, одговорност кон локалната заедница и одговорност кон идните генерации.

На сите рудари, инженери, геолози, техничари и работници во рударството им го честитам Денот на рударите – 28 август.

Ви благодарам за трудот.

Ви благодарам за посветеноста.

Ви благодарам за знаењето, храброста и искуството што го вложувате во оваа професија.

Денес, сите бројки, резултати и планови за иднината за момент ги оставаме настрана.

Затоа што овој ден има свои вистински главни лица.

Почитувани рудари, овој ден е Ваш.

Нека Ви е честит Денот на рударите.

Ви благодарам.

Мени за пристапност