Нов Закон за обновливи извори: Реформа што ја менува енергетската иднина на Македонија – енергетски заедници, поголема заштита за граѓаните и силна поддршка за инвестициите

Нов Закон за обновливи извори: Реформа што ја менува енергетската иднина на Македонија – енергетски заедници, поголема заштита за граѓаните и силна поддршка за инвестициите

Усвоен новиот Закон за користење на енергијата од обновливи извори, со што Македонија направи еден од најзначајните реформски чекори во енергетиката во последните децении. За првпат обновливите извори на енергија се уредуваат со посебен закон (Lex specialis), со кој се воспоставува современа, европски усогласена и предвидлива правна рамка за развој на чистата енергија.

Со донесувањето на Законот, државата испраќа јасна порака дека обновливите извори на енергија стануваат еден од клучните столбови на националната енергетска политика, со цел зајакнување на енергетската безбедност, намалување на зависноста од увоз на енергија, отворање нов инвестициски циклус и забрзување на зелената транзиција.

Со Законот во националното законодавство се транспонираат најновите европски правила, вклучително и Директивата за промоција на користењето на енергија од обновливи извори, чија хармонизација и донесување претставуваат дел од Реформската агенда. Во рамките на процесот на енергетска транзиција се предвидуваат мерки и активности насочени кон диверзификација на економскиот модел преку развој заснован на знаење и поефикасно користење на ресурсите, поттикнување на инвестиции, развој на зелена и паметна инфраструктура, чиста енергија и развој на вештини, како и постепено намалување на зависноста од фосилни горива.

Новото законско решение има цел да ја зајакне сигурноста во снабдувањето со енергија, да овозможи исполнување на обврските преземени со ратификацијата на Договорот од Париз, да придонесе кон постигнување на националните задолжителни цели за учеството на енергијата произведена од обновливи извори во бруто финалната потрошувачка на енергија, како и да обезбеди усогласеност со националните стратешки и плански документи од областа на енергетиката, вклучително и Интегрираниот национален план за енергија и клима.

Законот е структуриран во 16 глави со кои се уредуваат надлежностите на институциите, националните цели за обновлива енергија, мерките за поддршка, гаранциите за потекло, статусот на потрошувач-производител, енергетските заедници, користењето на обновливите извори во секторите греење, ладење и транспорт, прекуграничната соработка, лиценцирањето и надзорот.

Меѓу најзначајните новини е воведувањето на современиот европски механизам двонасочен договор за пазарно порамнување на разликата (Two-way Contract for Difference). Овој модел обезбедува финансиска предвидливост за инвеститорите, гарантира минимален приход за производителите, а истовремено овозможува ограничување на прекумерните добивки во услови на високи пазарни цени, со што се создава дополнителна заштита за граѓаните и стопанството.

Законот воспоставува транспарентен, недискриминаторен и конкурентен систем за доделување мерки за поддршка преку повластена тарифа и пазарна премија, овозможувајќи поефикасно користење на обновливите ресурси, привлекување нови инвестиции, поттикнување на претприемништвото, отворање нови работни места и воведување современи технологии.

Законот првпат ги уредува и механизмите за нето-мерење (Net metering) и нето-пресметка (Net billing), со што се создаваат услови домаќинствата, компаниите и институциите активно да произведуваат, користат и управуваат со електрична енергија од обновливи извори.

За првпат се воспоставува и јасна правна рамка за формирање и функционирање на граѓанските енергетски заедници, преку кои граѓаните, општините и компаниите ќе можат доброволно да се здружуваат за заедничко производство, складирање, потрошувачка и продажба на електрична енергија, како и за реализација на локални енергетски проекти што ќе носат директни економски, еколошки и социјални придобивки.

Законот дополнително ја зајакнува националната рамка за гаранции за потекло на електричната енергија произведена од обновливи извори. Со неговото донесување се создаваат услови националниот оператор на пазарот на електрична енергија МЕМО ДООЕЛ да стане полноправна членка на европската Асоцијација на издавачки тела (AIB) и да се приклучи кон AIB HUB – европската мрежа за прекугранична трговија со гаранции за потекло. Со тоа македонските производители на зелена енергија ќе добијат можност нивните гаранции за потекло да бидат признаени и тргувани на европскиот пазар, што претставува значаен чекор кон поголема конкурентност и интеграција во европскиот енергетски систем.

Воедно, по стапувањето во сила на Законот, ќе започнат активностите за воспоставување аукциска платформа за тргување со гаранции за потекло, со што системот ќе стане целосно функционален.

Законот се очекува да се обезбеди:

1.  долгорочно намалување на зависноста од увоз на енергија и енергенти;

2.  зголемување на уделот на ОИЕ во бруто финалната потрошувачка на енергија;

3.  зголемување на сигурноста во снабдувањето со енергија на крајните потрошувачи;

4. диверзификација на производството на енергија;

5. постигнување на климатските и енергетски цели за определени периоди од  Интегрираниот национален план за енергија и клима;

6. намалување на употребата на фосилни горива и емисиите на стакленички гасови и зголемување на искористеноста на ОИЕ заради заштита на животната средина и ублажување на климатските промени;

7. доделување на мерките на поддршка за инвестиции за  производство на енергија од обновливи извори на транспарентен, недискриминаторен, конкурентен, економичен и ефикасен начин,  усогласени со стратешко-планските документи од областа на енергетиката;

8. развој на претприемништвото и создавање нови работни места поврзани со производството на енергија од ОИЕ;           

9. поддршка на развојот и користењето на нови технологии и поттикнување на потрошувачите за поголемо користење и производство на енергија од обновливи извори за сопствени потреби.

Со усвојувањето на Законот за обновливи извори на енергија, Македонија воспоставува современа законска рамка која создава поголема правна сигурност за инвеститорите, нови можности за граѓаните и компаниите, поефикасни институционални процедури и целосно усогласување со европските политики во областа на обновливата енергија. Темел врз кој ќе се гради новата македонска енергетика – почиста, поконкурентна, поодржлива и посигурна за граѓаните, стопанството и идните генерации.

 

Со почит,

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Мени за пристапност