Национален инвентар на јавни згради– точниот увид ќе донесе план за реконструкција, пониски трошоци и сериозни заштеди

Национален инвентар на јавни згради– точниот увид ќе донесе план за реконструкција, пониски трошоци и сериозни заштеди

Денес започна процесот за создавање на Национален инвентар на јавни згради – база на податоци која треба суштински да го промени начинот на кој државата планира, инвестира и управува со своите јавни објекти.

Настанот, одржан во Свечената сала на Владата, ги собра претставниците на ресорните министерства, општините и јавните институции, кои уште еднаш го потврдија значењето на систематското прибирање и анализа на релевантни податоци за неколку илјади јавни згради низ земјата.

Во своето обраќање, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја нагласи реформската важност на овој процес:

Ова е реформска алатка што ни овозможува – конечно – да имаме точна и целосна слика за тоа како функционира јавниот сектор низ призма на енергетската ефикасност. За првпат, на едно место ќе ги обединиме податоците за потрошувачката на енергија, емисиите, состојбата на објектите и потребите за реновирање. Тоа знаење е нашата  најсилна почетна точка. Без точни и прецизни податоци нема ниту паметни политики, ниту добри инвестиции, ниту одржлива енергетска иднина. Ова не го правиме за да исполниме формална обврска – го правиме за да изградиме јавни простори кои се енергетски ефикасни, отпорни и современи. Простори што ќе значат помали сметки, помали трошоци и пофункционални згради – и за институциите, и за граѓаните кои секојдневно ги користат.“

Директорот на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) за Северна Македонија, Давид Оберхубер, истакна дека Националниот инвентар не е само технички процес, туку обврска кон иднината:

„Инвеститорите – домашни или меѓународни – финансираат она што е мерливо. Овој

инвентар ќе ѝ даде на Северна Македонија јасна слика за она што ѝ е потребно, но исто

така и силна основа да привлече средства за реновирање на јавните згради, за намалување

на енергетската потрошувачка и со тоа да станат институции подобри за граѓаните. GIZ

останува целосно посветен на оваа соработка.“

 

Свое обраќање даде и Даме Димитровски, кој ја нагласи еколошката и економската димензија на процесот:

„Јавните згради во Македонија се меѓу најголемите потрошувачи на енергија и воедно

значителен извор на емисии – не само CO₂, туку и цврсти честички кои влијаат на

квалитетот на воздухот во нашите градови. Секој чекор кон нивна модернизација и

подобрување на енергетската ефикасност значи не само исполнување на обврските кон

Енергетската заедница и меѓународните договори, туку и почист воздух, поздрави

заедници, подобри услови за работа и економски поодржливи јавни институции.

 

Како Влада, ја препознаваме важноста на ова прашање. Во изминатите години започнавме

со подготовки на низа стратешки документи и програми за енергетска ефикасност,

реновирање и модернизација на јавните објекти.“

 

Националниот инвентар – клучна алатка за идните инвестиции

Јавните згради – болниците, училиштата, административните објекти и културните институции – се меѓу најголемите потрошувачи на енергија во државата.

Промената во управувањето со овие згради е неопходна, бидејќи јавниот сектор има обврска да го покаже патот: да биде пример за рационално, одржливо и одговорно користење на енергијата.

Националниот инвентар ќе овозможи:

  • систематска процена на енергетската состојба на секоја јавна зграда,
  • дефинирање приоритети за реновирање,
  • изработка на инвестиционо портфолио,
  • поефикасно буџетско планирање,
  • подобрени услуги за граѓаните.

Овој процес е дел од проектот Партнерство за енергетска ефикасност на згради (PEEB Cool), финансиран од Зелениот климатски фонд, Француската агенција за развој (AFD) и Германската влада преку GIZ.

 

Со почит,

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

 

Мени за пристапност