Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари средба со ученички од трета година од Гимназијата „Ѓорѓи Димитров“ во Скопје, кои со својот труд и креативност веќе оставаат впечаток на национално ниво.
Станува збор за Марија Ташевска, Јасемин Демировска и Ангела Ристовска, заедно со нивната професорка Марина Иванова, кои во рамки на предметот Говорење и пишување изработиле документарен филм посветен на македонскиот рубин – тема што отвора важни прашања за природните и минералните богатства на нашата земја.
Нивниот филм беше претставен на државниот фестивал за непрофесионален филм, во организација на Народна техника, каде во конкуренција на околу 40 филмови освоија сребрена награда – успех кој говори за истражувачки дух и искрена љубопитност.
Министерката Божиновска ја поздрави нивната иницијатива, потенцирајќи дека токму ваквите примери се доказ дека младите имаат потенцијал да ги препознаат, истражуваат и афирмираат вредностите на сопствената земја.
„Особено ме радува што младите избираат да зборуваат за теми кои се директно поврзани со нашите природни ресурси и богатства. Македонскиот рубин не е само минерал – тој е дел од нашиот идентитет и вистинско богатство. Ваквите иницијативи треба да се поттикнуваат и поддржуваат, бидејќи знаењето и свесноста започнуваат токму од младите генерации“, истакна министерката Божиновска.
На средбата беше нагласена потребата од поголема едукација и вклученост на младите во теми поврзани со енергетиката, рударството и одржливото користење на природните ресурси, како и важноста од нивно активно учество во градењето на идни политики.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува отворено за поддршка на вакви иницијативи, кои не само што ја промовираат креативноста, туку и ја јакнат свеста за вредностите што ги поседува нашата земја.
Со почит,
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини