МЕРМС на 41-от состанок на Енергетската заедница - конкретен напредок во енергетската ефикасност

МЕРМС на 41-от состанок на Енергетската заедница - конкретен напредок во енергетската ефикасност

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини учествуваше на 41-от состанок на Координативната група за енергетска ефикасност (Energy Efficiency Coordination Group – EECG) на Енергетската заедница, кој се одржа во Тирана, Албанија. На настанот учествуваа претставници на договорните страни на Енергетската заедница, Европската комисија, меѓународните финансиски институции и донаторите со цел размена на искуства и координација на политиките и инвестициите во областа на енергетската ефикасност. Министерството беше претставено од Билјана Матевска, посебен советник за енергетска ефикасност и климатски промени.

Во рамки на состанокот, Министерството ги презентираше постигнувањата на Македонија во областа на енергетската ефикасност, со посебен осврт на спроведувањето на мерките предвидени во Националниот енергетски и климатски план (NECP) и Реформската агенда, подготовката на клучните подзаконски акти, како и активностите за забрзување на реконструкцијата на зградите и унапредување на нивните енергетски перформанси.

Посебен акцент беше ставен на примената на принципот „Енергетска ефикасност на прво место“ (Energy Efficiency First – EE1st). Министерството извести за воспоставената законска рамка, преземените активности за негово интегрирање во процесите на планирање и донесување инвестициони одлуки, како и за националниот придонес во процесот на известување кон Енергетската заедница. Воедно беа презентирани и постигнатите резултати, предизвиците и следните чекори за практична имплементација на овој принцип, кој претставува една од клучните политики на Европската унија и Енергетската заедница.

Министерството ги претстави и тековните активности што се реализираат во рамки на PEEB Cool програмата, со посебен осврт на подготовката на првиот Национален инвентар на јавни згради во Македонија. Овој инвентар, кој за првпат систематски ќе ги опфати јавните згради, ќе обезбеди сеопфатна база на податоци за нивните технички и енергетски карактеристики и ќе претставува основа за креирање на политики, приоритизација на инвестициите и успешна имплементација на Планот за реконструкција на зградите, како и на идната Стратегија за реконструкција на зградите.

На состанокот беше истакнато дека Македонија е меѓу земјите кои активно работат на усогласување со европските политики во областа на енергетската ефикасност и климатските цели. Воедно беше нагласена потребата од забрзана имплементација на мерките, зајакнување на системите за мониторинг и верификација, како и зајакнувањето на регионалната соработка за спроведување на Националните енергетски и климатски планови. 

Од Министерството оценуваат дека учеството на вакви меѓународни состаноци е од исклучително значење за позиционирање на Македонија како активен и кредибилен партнер во регионалната енергетска транзиција, за пристап до нови финансиски инструменти и за размена на најдобрите европски практики.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на спроведување на реформите и развој на политики што ќе придонесат кон енергетска сигурност, пониски трошоци за граѓаните, декарбонизација и одржлив економски развој, во согласност со обврските кон Енергетската заедница и процесот на пристапување кон Европската Унија.

 

Со почит,

Министерство за енергетика, рудраство и минерални суровини

Мени за пристапност