Од 22 до 29 август 2026 година, на Универзитетот „Polis“ во Тирана, Република Албанија, се одржува регионална едукативна и експертска програма организирана во рамки на Енергетската заедница, која ги обединува претставници на институциите, експерти и професионалци од земјите членки и набљудувачи на Енергетската заедница.
На програмата учествува и претставник на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, заедно со претставници и експерти од релевантни институции и организации од регионот и Европската Унија.
Програмата е конципирана околу пет клучни области – енергетски системи, енергетски пазари, енергетски политики, енергетско право и декарбонизација, со предавања, практични примери, дискусии и работа во групи.
Во делот посветен на енергетските системи се обработуваат теми поврзани со интеграцијата на електроенергетските системи во Европа, флексибилноста на пазарите, интеграцијата на обновливите извори во постојните мрежи, како и предизвиците и решенијата за развој на мрежната инфраструктура.
Посебен сегмент е посветен на интеграцијата на енергетските пазари и трговијата со енергија, вклучително и пазарното поврзување, инвестициите во производство од обновливи извори, регионалната трговија со електрична енергија и гас, како и современите фактори кои влијаат врз глобалниот енергетски систем.
Во делот на енергетските политики се разгледуваат прашања поврзани со идниот развој на европскиот енергетски систем, стратешката автономија на Европа, електрификацијата, реформите на мрежните тарифи и политиките за забрзување на развојот на обновливите извори.
Значаен дел од програмата е посветен и на енергетското право и регулатива, како и процесот на транспонирање на европското законодавство во законодавството на Енергетската заедница.
Во рамки на програмата се обработуваат и теми поврзани со декарбонизацијата и климатските политики, вклучително и Парискиот договор, одржливото финансирање и механизмите за забрзување на енергетската транзиција.
Програмата вклучува и практични активности, студии на случаи и работа во групи посветена на енергетската трговија и преговори, проценка на одржливоста и енергетското планирање, како и транспонирањето на европското енергетско законодавство. Предвидена е и посета на диспечерскиот центар на операторот на електроенергетскиот систем на Албанија – OST.
Учеството на Министерството претставува можност за директна размена на знаења и искуства со европски и регионални експерти, како и за следење на најновите регулаторни, технолошки и пазарни трендови во енергетскиот сектор.
Во услови на забрзана енергетска транзиција, интеграција на пазарите и зголемена потреба од регионална енергетска координација, ваквите експертски платформи се значајни за зајакнување на институционалните капацитети и унапредување на националните политики во согласност со европските стандарди.
Министерството продолжува со активно учество во регионалните иницијативи и процеси на Енергетската заедница, со цел зајакнување на регионалната соработка, поголема интеграција на енергетските пазари и создавање постабилен, поотпорен и одржлив енергетски систем.
Со почит,
Министерство за енергетика, рудраство и минерални суровини