Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини активно се вклучи во почетокот на имплементацијата на новата регионална иницијатива „Balkan Climate Adaptation Futures: A Regional Innovation Initiative for Resilience “, четиригодишен проект финансиран од Adaptation Fund, а координиран од УНДП.
На настанот, кој се одржа во Скопје, Министерството беше претставено од Билјана Матевска, посебен советник за енергетска ефикасност, која учествуваше во работилницата за воспоставување на проектните активности заедно со претставници на институциите и УНДП од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Србија.
Проектот има за цел да го забрза развојот и примената на иновативни, локално предводени решенија за адаптација кон климатските промени, преку поддршка на локалните заедници, граѓанските организации, социјалните претпријатија, иноваторите и малите бизниси, со што ќе се зајакне отпорноста на регионот на климатските ризици.
Во рамки на дискусиите, Министерството ја истакна важноста политиките за енергетска ефикасност и адаптација кон климатските промени да се планираат и спроведуваат интегрирано. Посебен акцент беше ставен на потребата мерките за адаптација да бидат составен дел од имплементацијата на Планот за реконструкција на зградите, со цел реконструкцијата да придонесе не само кон намалување на потрошувачката на енергија и емисиите на стакленички гасови, туку и кон зголемување на отпорноста на зградите на сè поизразените климатски ризици, како што се топлотните бранови, поплавите и другите екстремни временски појави.
За Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, климатската адаптација и енергетската ефикасност претставуваат клучни елементи во спроведувањето на националните политики за зелена транзиција и одржлив развој. Ваквите регионални иницијативи овозможуваат размена на знаења, добри практики и иновативни пристапи, како и унапредување на меѓуинституционалната соработка во справувањето со последиците од климатските промени.
Министерството останува посветено на активното учество во меѓународни и регионални партнерства кои придонесуваат за создавање поотпорен, поодржлив и енергетски поефикасен регион.
Со почит,
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини