Во периодот од 27 до 29 април 2026 година, во Тирана, Република Албанија, се одржа регионална балканска работилница и правни консултации на тема „Дозволи, лиценцирање и најдобри практики за управување во рударството“, на која учествуваа претставници од Северна Македонија, Албанија и Црна Гора.
Настанот беше организиран од Министерството за трговија на Соединетите Американски Држави, преку Програмата за развој на трговското право (CLDP), со поддршка на Програмата за управување со енергетика и минерали на Стејт департментот на САД, со цел унапредување на регулаторните практики, размена на искуства и зајакнување на регионалната соработка во областа на рударството и заштитата на животната средина.
Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на работилницата учествуваа Филип Петровски, Јетон Кучи, Кика Шпритова и Снежана Трајановска – Богоева, а во дел од активностите беа вклучени и претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Работилницата беше фокусирана на клучни прашања поврзани со постапките за издавање дозволи, лиценцирање, управување со рударски активности и примена на најдобри меѓународни практики, со посебен акцент на заштитата на животната средина и одржливиот развој.
Како експерти и предавачи учествуваа Винфилд Вилсон, виш советник и адвокат во CLDP, Џејми Плун, професорка по право на Универзитетот во Јута, како и Џована Москозо, експертка по рударско право со значително искуство во областа на локалните заедници и управувањето со рударски проекти.
Во завршниот дел од работилницата беа реализирани консултации со експертите од CLDP, при што беа разгледани можностите за унапредување на законската регулатива и институционалните капацитети во рударскиот сектор. Беше изразена подготвеност за натамошна соработка, вклучително организирање специјализирани обуки за институциите, експертска поддршка при изработка и анализа на законски решенија, како и компаративни анализи со европската и американската регулаторна рамка.
Дополнително, беа отворени прашања поврзани со стратешко планирање на рудниците, фискалниот режим во рударството, унапредување на инспекцискиот надзор и примена на најдобри практики во заштитата на животната средина и соработката со локалните заедници.
Во рамки на работилницата беше остварена и средба со директорот на Инспекцијата на Албанија, на која беа разменети искуства за спроведување на инспекциски надзор во рударството и беше потврдена заложбата за унапредена регионална соработка, директна комуникација и размена на информации меѓу надлежните институции.
Учеството на македонската делегација на оваа работилница претставува значаен придонес кон јакнење на институционалните капацитети, унапредување на регулаторните практики и продлабочување на регионалната соработка во областа на рударството и управувањето со природните ресурси.
Со почит,
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини