Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го презентираше напредокот на Македонија во спроведувањето на политиките и реформите за енергетска ефикасност на 42. состанок на Координативната група за енергетска ефикасност (EECG) на Енергетската заедница, одржан во Виена, Австрија.
Во фокусот на состанокот беа најновите европски политики за енергетска ефикасност, спроведувањето на Националните планови за енергија и клима, исполнувањето на националните цели, примената на принципот „Енергетска ефикасност на прво место“ (Energy Efficiency First – EE1st), како и новите регулаторни барања за енергетско означување на производите.
Во рамките на националното излагање беа презентирани активностите за финализирање на подзаконската регулатива за енергетските карактеристики на зградите и енергетските контроли, развојот на софтверот и регистарот за енергетски сертификати, воспоставувањето на Информацискиот систем за енергетска ефикасност, подготовката на Инвентарот на јавни згради, како и операционализацијата на Фондот за енергетска ефикасност.
Посебен акцент беше ставен на Тригодишниот план за реконструкција на зградите во сопственост и користење на органите на државната управа, обврската за годишна реконструкција на 3% од површината на јавните згради, како и координацијата со меѓународните финансиски институции за поддршка на инвестициите.
На состанокот беа разменети искуства со Европската комисија, Енергетската заедница и меѓународните финансиски институции, при што беа презентирани и програмите за поддршка на енергетската ефикасност на Светската банка, PEEB Cool и Регионалната програма за енергетска ефикасност (REEP). Беше реализирана и студиска посета на објекти во Виена, со презентација на практични решенија за подобрување на енергетската ефикасност во зградите.
Во рамките на активностите беше опфатено и учеството на работилницата „Implementing Energy Efficiency First: Lessons Learnt from Pilot Cases“, организирана во рамките на европскиот проект ENEFIRST Plus во соработка со Секретаријатот на Енергетската заедница. Беа споделени искуства од Хрватска, Грција, Италија и Полска за примената на принципот „Енергетска ефикасност на прво место“ во националното енергетско планирање, транспортот, локалните енергетски и климатски планови и финансирањето на реконструкцијата на зградите.
Учеството придонесе за размена на знаења и добри практики, унапредување на соработката со Енергетската заедница и планирање на идните активности во областа на енергетската ефикасност. Воедно, беше потврдено дека следниот состанок на експертската група за енергетска ефикасност ќе се одржи во Македонија.
Со почит,
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини