ЛАБУДОВИЌ ОД РЕК БИТОЛА: РУДАРОТ ЗАСЛУЖУВА УСЛОВИ ОД 21. ВЕК

ЛАБУДОВИЌ ОД РЕК БИТОЛА: РУДАРОТ ЗАСЛУЖУВА УСЛОВИ ОД 21. ВЕК
ПОЧИТ КОН ТРУДОТ НА РУДАРИТЕ
 
Заменик-министерот за енергетика, рударство и минерални суровини, Мирослав Лабудовиќ, денес присуствуваше на одбележувањето на 28 Август – Денот на рударите, во РЕК Битола.
 
По тој повод, тој им оддаде почит и признание на рударите за нивниот труд, посветеност и огромниот придонес што секојдневно го даваат за функционирањето на енергетскиот систем и за развојот на државата.
 
Во продолжение ви го пренесуваме во целост неговото обраќање.
 
 
Почитувани рудари,
почитувано раководство на ЕСМ,
почитувани колеги, дами и господа,
 
Денес стојам пред сите вас не само службено, туку со искрена и огромна благодарност – благодарност за вашиот придонес, за сите ние да живееме покомфорно.
 
Уште од дете, откако знам за себе, во мојот дом постојано се зборуваше за ЕСМ, се зборуваше за производство, за Суводол, за пренос, за дистрибуција… Се зборуваше за РЕК Битола, за гигантот што ја држи цела држава на своите плеќи. Израснат сум со почит кон оваа професија и затоа денеска, кога ве гледам, срцето ми е полно. Говорам со посебна емоција, бидејќи знам што значи Рударско-енергетскиот комбинат Битола за сите нас и колку оваа земја ви должи.
 
Истражував зошто баш денес, на празникот Успение на Пресвета Богородица, го одбележуваме Денот на рударите и дојдов до два податока.
 
Првиот е духовниот завет – дека Богородица е вечната заштитница, која го чува рударот на копот, во секоја смена, на секој багер и на секоја лента и секогаш жив, здрав и безбеден го враќа дома кај неговото семејство.
 
И вториот, историски факт, кој нѐ враќа во далечната 1929 година, кога токму на овој ден рударите од Лојане го кренаа својот глас и докажаа дека нема посилен пркос и поцврст карактер од оној што се кали на рударскиот терен – борба за достоинство и правда која трае и денес.
 
Кога сме кај „тешката работа“… Мора малку и да се насмееме. Денес често слушаме луѓе по канцеларии како велат: „Еве, влегов во рудник и цел ден не излегов“, па се жалат колку им бил „напорен“ денот. Извинете им, не знаат што зборуваат.
 
Не знаат како изгледа кога работите на отворено – и на плус 40 и на минус 20 степени. Не знаат што значи вистинска мака, ниту ја знаат тежината на лебот со седум кори.
 
Во Библијата пишува дека Бог уште во првиот ден рекол: „Низ темнината нека биде светлина!“
 
Но вие, почитувани рудари, таа светлина ја создавате секој божји ден. Вие од површинските копови го вадите лигнитот за цела Македонија да живее во светлина. Со секој ископан тон јаглен, со секој метар откопана јаловина, вие не вадите само руда – вие обезбедувате енергија за нашите домови, за нашите училишта, за нашите болници и за нашите деца. Вие сте оние кои го палат сонцето во домовите на оваа земја.
 
Како граѓани, премногу често земаме сè здраво за готово и забораваме дека сè околу нас започнува во рудник. Од домовите во кои живееме, превозните средства, па сè до домашните и медицинските апарати. Дури и целата зелена транзиција, сите хидро- и ветротурбини, фотоволтаични панели и проводници, сè е изработено од минерални суровини ископани од рудници.
 
А парадоксот да биде уште поголем – денес најгласни против отворањето нови рудници се оние кои викаат на микрофони и мегафони направени токму од тие исти суровини! Викаат и критикуваат без да ги знаат огромните бенефити што рударството ѝ ги носи на државата, без да имаат поим за новите напредни технологии, како и за строгите европски стандарди и правила за безбедност и заштита на животната средина што денес се применуваат во современото рударство.
 
Затоа, мораме да бидеме свесни. Рударството во Македонија е една од најсериозните индустриски гранки и е темелот на македонскиот енергетски систем. Оваа гранка учествува со речиси 11% во нашето индустриско производство, а над 10.000 семејства во Македонија го вадат својот леб директно од рударскиот сектор.
 
Затоа, ако сакаме економски силна и енергетски одржлива држава, ни требаат високотехнолошки развиени копови, современа, механизирана и автоматизирана опрема, безбедни услови за работа, најстрога контрола за заштита на животната средина и, секако, на крај, рекултивација на земјиштето.
 
Рударот заслужува услови од 21. век!
 
Ви благодарам за секој час поминат на копот, за секоја капка пот и за вашата нескршлива волја.
 
Да сте живи, здрави и долговечни!
 
Среќно!

Мени за пристапност