Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини денеска одржа состанок за координација со партнерите на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција (JETIP), на кој беа разгледани досегашниот напредок во спроведувањето на Платформата, статусот на приоритетните инвестиции и клучните активности за наредниот период.
На состанокот беше истакнат напредокот постигнат од последната средба со партнерите во мај, особено во однос на следењето на инвестициското портфолио, унапредувањето на регулаторната рамка и подготовката и реализацијата на инвестициите во обновливи извори на енергија, електропреносната мрежа и складирањето на енергија.
Ажурираното портфолио на платформата опфаќа 81 проект со вкупна вредност од околу 1,77 милијарди евра, при што за проекти во вредност од околу 460 милиони евра веќе е обезбедено финансирање. Значаен напредок е постигнат и во реализацијата и подготовката на повеќе проекти за обновливи извори и преносната инфраструктура.
Во рамки на состанокот беа презентирани и активностите поврзани со Стратегијата за декарбонизација на ЕСМ и подготовката на Мастер планот за развој на електропреносната мрежа на МЕПСО. Овие процеси се од особено значење за координирано планирање на новите производствени капацитети, развојот на мрежата, складирањето на енергија и постепената транзиција од јаглен.
Во дискусијата со партнерите акцентот беше ставен на следните чекори и на потребата од натамошна координација на финансиската и техничката поддршка за инвестициите кои придонесуваат кон праведната енергетска транзиција.
Со почит,
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини