ЈОВАНОВСКИ: УСПЕХОТ НА ЗЕЛЕНАТА ТРАНЗИЦИЈА СЕ МЕРИ СО ПОСИГУРНО СНАБДУВАЊЕ И КОНКРЕТНИ ПРИДОБИВКИ ЗА ГРАЃАНИТЕ

ЈОВАНОВСКИ: УСПЕХОТ НА ЗЕЛЕНАТА ТРАНЗИЦИЈА СЕ МЕРИ СО ПОСИГУРНО СНАБДУВАЊЕ И КОНКРЕТНИ ПРИДОБИВКИ ЗА ГРАЃАНИТЕ

Државниот секретар во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Горан Јовановски, учествуваше на панел-дискусијата посветена на напредокот и предизвиците во спроведувањето на зелената и дигиталната транзиција, на која учествуваа и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и Стефано Елеро, раководител на секторот за соработка при Делегацијата на Европската Унија.

Во своето обраќање, Јовановски ја истакна поврзаноста на обновливите извори на енергија, енергетската ефикасност и дигитализацијата како клучни елементи за развој на модерен, поефикасен и посигурен енергетски систем.

Посебен акцент стави на потребата растот на обновливите извори да биде проследен со модернизација на преносната и дистрибутивната мрежа, развој на капацитети за складирање енергија, подобро балансирање на производството и потрошувачката, како и соодветни пазарни механизми за ефикасно искористување на произведената енергија.

Во делот на енергетската ефикасност, Јовановски го истакна принципот „Енергетска ефикасност на прво место“, кој подразбира приоритетно намалување на непотребната потрошувачка и поефикасно користење на енергијата. Посочи дека јавниот сектор треба да биде пример во овој процес, издвојувајќи го планот за реконструкција на 14 згради на централната власт, со вкупна површина од околу 103.000 квадратни метри. Реализацијата на ваквите проекти придонесува за намалување на енергетските трошоци, потрошувачката и емисиите.

Како важни предуслови за поширока примена на мерките за енергетска ефикасност ги посочи воспоставувањето на Фондот за енергетска ефикасност, обезбедувањето континуирано финансирање преку европски и меѓународни финансиски инструменти, како и дигиталните алатки за следење и верификација на заштедите. Во таа насока, значајна улога имаат Информацискиот систем за енергетска ефикасност, регистарот на сертификати и Националниот инвентар на јавни згради, кои овозможуваат планирање на инвестициите врз основа на реални податоци и мерење на постигнатите резултати.

„Успехот нема да се мери само со усвоени документи или изградени капацитети. Ќе се мери со пониски трошоци, посигурно снабдување и конкретни енергетски и еколошки придобивки за граѓаните, стопанството и јавниот сектор“, истакна Јовановски.

На настанот, организиран од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“, беше претставена анализата „Двојна по име, асиметрична по мерка – Зелените и дигиталните реформи во Северна Македонија: асиметрии, јазови, причини и финансиски ризик“.

Дискусијата се фокусираше на динамиката на зелените и дигиталните реформи, институционалните капацитети, финансиските ризици, усогласувањето со европските политики и потребата од поефикасна меѓуинституционална координација.

 

Со почит,

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Мени за пристапност