Иновации и AI во служба на енергетската транзиција - средба Божиновска со директорот на Хабот за одржлива енергија при УНДП, Медеб

Иновации и AI во служба на енергетската транзиција - средба Божиновска со директорот на Хабот за одржлива енергија при УНДП, Медеб

Во рамки на форумот IFESD-14 во Скопје, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари билатерална средба со г-дин Риад Медеб, директор на Хабот за одржлива енергија при Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
На средбата присуствуваше и Армен Григорјан, постојан претставник на програмата за развој на Обединетите нации УНДП во Македонија.

Разговорите беа насочени кон продлабочување на соработката меѓу Министерството и УНДП во повеќе приоритетни области – енергетска ефикасност, дигитализација, сајбер безбедност и развој на човечкиот капитал.

Г-дин Медеб ја пофали Македонија за проактивниот пристап во развојот на локални енергетски заедници и истакна дека новиот Закон за енергетика е напреден и создава солидна основа за понатамошен развој на енергетскиот сектор.
Тој нагласи дека УНДП ќе продолжи да биде стратешки партнер на земјата во транзицијата кон зелена економија, со поддршка за имплементација и усогласување на регулативата со европските стандарди.

Министерката Божиновска ја истакна важноста на дигитализацијата и сајбер безбедноста во енергетските компании и институции, потенцирајќи дека тоа е предуслов за финансиски одржливи и транспарентни проекти.
Во фокус на разговорот беа и новите технологии и можностите за примена на вештачка интелигенција (AI) за подобрување на енергетската ефикасност – преку предвидување на потрошувачката, оптимизација на ресурсите и автоматизација на системите за управување со енергија.

Посебен акцент беше ставен и на јакнењето на капацитетите и вклучувањето на жените во праведната енергетска транзиција, како и на развивање на програми за обука и образование во областа на одржливата енергија.

Во насока на поттикнување на иновациите, беше предложо и воспоставување на „Лабораторија за иновации во енергетиката“, која би служела како простор за тестирање нови технологии, поддршка на стартапи и промовирање на одржливи решенија.

Министерката Божиновска нагласи дека Македонија е подготвена да биде партнер на УНДП во развој на вакви модели, кои ќе го забрзаат процесот на енергетска транзиција и ќе го зајакнат човечкиот и технолошкиот потенцијал на земјата.

 

Со почит,

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Мени за пристапност