Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини со цел следење на актуелните трендови во областа на сајбер безбедноста, презема конкретни активности за подобрување на системите за заштита на податоците.
Во таа насока, претставници од Секторот за информатички технологии при Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, денеска, остварија работна средба со претставници на Амбасадата на САД и претставници на британската компанија BAE Systems.
Целта на состанокот беше воспоставување основа за понатамошна соработка во областа на сајбер безбедноста, истражување и анализа на безбедносни закани и подобрување на безбедносната поставеност.
На состанокот беше истакната потребата од воспоставување на CSIRT тим - EnergyCSIRT - кој ќе биде дел од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и ќе има улога во координација на одговор на инциденти, анализа на закани и унапредување на нивото на сајбер безбедност помеѓу критичната инфраструктура на енергетиката како дел од Владиниот CSIRT.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на градење и продлабочување на соработката со меѓународни партнери и сојузници, со цел размена на искуства, знаење и најдобри практики, како и зајакнување на сајбер безбедноста на институциите во согласност со највисоките глобални стандарди.
Со почит,
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини