Во периодот од 19 до 21 јуни 2025 година, делегација од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини учествуваше на првиот форум за европа и централна азија – ECA Energy Knowledge Forum, организиран од Светска банка во рамки на платформата Connect4Impact. Форумот се одржа во Анталија и собра претставници од владите, регулаторите, меѓународните организации и експертската заедница од земјите од Европа и Централна Азија.
На настанот се дискутираше за предизвиците во областа на енергетската ефикасност, забрзаното користење на обновливи извори и потребата од стабилно и безбедно снабдување со енергија. Главен фокус беа програмите ECARES (Renewable Energy Scale-up) и E3 (Scaling up Energy Efficiency), со кои Светска банка преку нови механизми обезбедува финансиска и техничка поддршка за енергетска транзиција. Преку овие програми, во следните години се очекува мобилизација на неколку милијарди долари инвестиции во обновливи извори и енергетска ефикасност.
Македонската делегација имаше можност да размени искуства со земјите учеснички, да презентира дел од тековните и идни енергетски проекти и да учествува во тематски сесии посветени на инвестиции, дигитализација, регионално поврзување и поддршка на добри практики. Посебен интерес беше изразен за темите поврзани со подобрување на енергетската ефикасност во јавните објекти, зголемување на капацитетите за складирање на електрична енергија и интеграција на обновливите извори во мрежата.
Присуството на форумот претставуваше потврда за заложбата на Министерството за активно вклучување во сите процеси и користење на расположливите инструменти за финансирање на проекти кои обезбедуваат стабилен, зелен и одржлив енергетски систем. Како дел од понатамошните активности, Министерството веќе започнува со подготовка на иницијативи со цел зголемување на учеството на обновливите извори и намалување на загубите во системот.
Форумот во Анталија ја потврди важноста на соработката и континуираната размена на знаења како предуслов за успешна енергетска транзиција. За Македонија, ова претставуваше уште една можност да ги зајакне меѓународните партнерства и да ги усогласи своите политики со современите европски и глобални стандарди.