БОЖИНОВСКА ВО ВАРШАВА НА P-TEC: СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА Е НА ЕНЕРГЕТСКАТА МАПА НА ЕВРОПА

БОЖИНОВСКА ВО ВАРШАВА НА P-TEC: СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА Е НА ЕНЕРГЕТСКАТА МАПА НА ЕВРОПА

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествува на Седмиот министерски состанок на Партнерството за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC) во Варшава, еден од најзначајните форуми на кој лидерите од САД и Европа ги дефинираат заедничките чекори за енергетска сигурност и стабилност на континентот.На отворањето на самитот, полскиот премиер Доналд Туск ја испрати клучната порака на настанот – дека енергијата денес е темел на физичката безбедност на Европа и на секое семејство, а трансатлантското сојузништво меѓу Европа и САД е суштинско за стабилноста и економската иднина.

„Прашањето на енергијата стана темел на безбедноста – најконкретната, физичка безбедност на нашиот континент, на Полска и на регионот, но и на секое семејство“, истакна Туск, нагласувајќи дека надминувањето на зависноста од еден извор преку диверзификација, вложување во течен природен гас (LNG) и развој на преносната инфраструктура се единствениот разумен пат напред.

Токму во овие стратешки процеси Северна Македонија зазема сè повидливо место на регионалната и европската енергетска мапа. Преку присуството на министерката Божиновска на овој престижен форум, земјата директно се вклучува во трансатлантскиот дијалог и ги потврдува своите национални приоритети за диверзификација на снабдувањето и посилно регионално поврзување.

За Северна Македонија, овие заложби не се само декларативни, туку се преточуваат во конкретни инфраструктурни проекти кои ја менуваат енергетската слика на регионот, меѓу кои гасната интерконекција со Грција, поврзувањето со Србија, вклучувањето во Вертикалниот гасен коридор, како и повторното ставање во функција на нафтоводот со Грција. Во рамки на агендата на форумот, министерката Божиновска ќе се обрати на панелот посветен на зајакнувањето на европската енергетска безбедност, каде што пред американските и европските партнери ќе ги презентира проектите на државата, активностите за воспоставување стратешки резерви и мерките за заштита на критичната енергетска инфраструктура.

Учеството на P-TEC во Варшава уште еднаш потврдува дека Северна Македонија е активен и доверлив партнер во градењето отпорен, поврзан и безбеден енергетски систем, кој ќе донесе сигурност и економски придобивки за граѓаните и стопанството.

 

Со почит,

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Мени за пристапност