Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини бара доследно спроведување на препораките од ревизорските извештаи во енергетскиот сектор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари работна средба со Главниот државен ревизор, Максим Ацевски, на која во фокус беа резултатите од спроведените ревизии во институциите и субјектите поврзани со секторот енергетика, утврдените состојби и мерките за нивно надминување.
По барање на министерката Божиновска, Државниот завод за ревизија во изминатиот период спроведе ревизорски постапки во институции од енергетскиот сектор. На средбата беа разгледани информациите содржани во ревизорските извештаи, констатираните пропусти и слабости, како и препораките дадени од Државниот завод за ревизија за нивно надминување.
„Ревизорскиот извештај не смее да биде последниот чекор. Напротив, тој мора да биде почеток на конкретни промени. Секоја забелешка, секоја препорака и секоја констатирана слабост мора да добијат институционален одговор и јасен рок за постапување. Нашата обврска е да воспоставиме систем во кој ќе се следи што е направено, што не е направено и зошто“, истакна министерката Божиновска.
На средбата беше разговарано за воспоставување поефикасен механизам за следење на реализацијата на ревизорските препораки, со јасно дефинирани активности и одговорности на институциите.
Министерството ќе побара од надлежните институции и органи во секторот енергетика да подготват акциски планови за спроведување на препораките од ревизорските извештаи, со конкретни мерки, рокови и одговорни лица, со цел утврдените состојби да бидат системски надминати.
„Неопходно е препораките на Државниот завод за ревизија да не останат само констатации на хартија. Ќе бараме конкретни активности, рокови и отчетност од институциите. Само така можеме да зборуваме за одговорно управување со јавните средства, поголема ефикасност и институции кои работат во интерес на граѓаните“, нагласи Божиновска.
Главниот државен ревизор Максим Ацевски ги презентираше клучните наоди и препораки од ревизиите, при што беше истакната важноста од навремено постапување на субјектите на ревизија и надлежните органи, како и од воспоставување механизми за следење на степенот на реализација на дадените препораки.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Државниот завод за ревизија ја потврдија потребата од продолжување на институционалната координација, со цел ревизорските наоди да имаат реален ефект врз подобрувањето на работењето на институциите во енергетскиот сектор.
Целта е јасна – повеќе ред, поголема отчетност и конкретни резултати во управувањето со институциите и ресурсите во енергетскиот сектор.
Со почит,
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини