БОЖИНОВСКА НА ВТОРИОТ ДЕН ОД P-TEC: ПРОДОЛЖУВААТ РАЗГОВОРИТЕ ЗА ЕНЕРГЕТСКАТА СИГУРНОСТ И СТРАТЕШКИТЕ ПАРТНЕРСТВА

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска продолжува со учеството на седмиот состанок на Партнерството за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC) во Варшава, каде што во фокусот се енергетската безбедност, диверзификацијата на снабдувањето и заштитата на критичната инфраструктура. Вториот ден од форумот е посветен на министерската соработка и стратешките енергетски прашања од заеднички интерес за Европа и САД.

Вчера, Божиновска учествуваше на панел-дискусијата „Зајакнување на европската енергетска безбедност: отпорност на критичната инфраструктура и диверзификација на снабдувањето“, на која ги презентираше конкретните чекори што ги презема државата за обезбедување алтернативни правци за снабдување и поголема регионална поврзаност.

Таа истакна дека по три децении зависност од еден извор за снабдување со природен гас, преку Бугарија, Северна Македонија развива нови инфраструктурни поврзувања преку интерконекторите со Грција и Србија. Интерконекторот со Грција се очекува да биде завршен во јуни следната година, а подготвен е и за транспорт на водород. Како дополнителни чекори ги посочи активностите за електроенергетско поврзување со Албанија и повторното ставање во функција на продуктоводот со Грција, по 12 години неактивност.

Во дискусијата беше отворено и прашањето за заштитата на критичната енергетска инфраструктура од сајбер-напади и закани од дронови. Божиновска нагласи дека се неопходни координација меѓу институциите, операторите и приватниот сектор, како и соодветна законска рамка. Таа се осврна и на предизвиците во синџирите на снабдување, посочувајќи дека инвеститор заинтересиран за изградба на гасна турбина добил прв достапен термин за испорака е во 2032 година. Ова ја потврдува потребата новите енергетски проекти уште во фазата на планирање да ги земат предвид технолошките промени, резервните системи и безбедносните ризици.

Денешната програма продолжува со министерски дискусии за нуклеарната енергија, трансатлантската индустриска соработка, сигурноста на снабдувањето со течен природен гас (LNG), финансирањето на стратешката енергетска инфраструктура и нејзината заштита. Учеството на Северна Македонија на P-TEC е можност за продлабочување на партнерствата со САД и европските земји и зајакнување на регионалната соработка во насока на посигурен и поотпорен енергетски систем.

 

Со почит,

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Мени за пристапност