„Посветени сме да бидеме конструктивен регионален партнер, кредибилен учесник во европската енергетска интеграција, земја која придонесува за постабилна, побезбедна и поодржлива Југоисточна Европа“, изјави денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, говорејќи на Министерскиот панел: “Delivering 2030 – Leadership commitments for the East Med transition”, во рамките на дводневниот „Energy Transition Summit: East Med and Southeastern Europe“, кој се одржува во Атина, Грција.
На Самитот, којшто е во организација на Financial Times и Катимерини, учествуваат високи владини претставници од регионот, како и претставници на бизнис и финансискиот сектор на регионално ниво.
Министерката Божиновска, во својот говор се осврна на важноста од регионалното енергетско поврзување:
„Во изминатите неколку години многу јасно се покажа дека ниту една земја во нашиот регион не може сама да изгради енергетска безбедност, и дека ниту една транзиција не може да успее ако не е сигурна, достапна по цена и погодна за инвестиции. За мојата земја ова е прашање на енергетска безбедност, економска конкурентност и социјална стабилност. Затоа, за нас остварувањето на целите за 2030 значи три работи: изградба на регионална интерконекција како безбедносна инфраструктура, интеграција на обновливите извори преку мрежи, складирање и балансирање, и одржување на транзицијата достапна, социјално праведна и привлечна за инвестиции“, рече министерката Божиновска.
Набројувајќи ги постигнувањата на нашата земја на полето на енергетиката, министерката Божиновска потенцираше дека нашата цел е географската позиција на земјата да се претвори во предност.
„Гасниот интерконектор со Грција е клучен пример. Со почетен капацитет од 1,2 милијарди кубни метри годишно и можност за проширување до 2,8 милијарди кубни метри, тој ја менува нашата позиција од енергетска крајна точка во дел од регионален коридор. Ова е важно затоа што диверзификацијата денес не значи само повеќе снабдувачи. Таа значи повеќе рути, поголема флексибилност и поголема отпорност.
Преку поврзувањето со Грција, нашата земја го зајакнува пристапот до регионалните гасни текови, вклучително и LNG инфраструктурата. Планираната интерконекција со Србија е следниот чекор кон посилна север-југ енергетска поврзаност во Југоисточна Европа. Нашата позиција е јасна: интерконекторите се инструменти на регионална стабилност, енергетска дипломатија и долгорочна отпорност“, нагласи министерката Божиновска на Министерскиот панел: “Delivering 2030 – Leadership commitments for the East Med transition”, во рамките на „Energy Transition Summit: East Med and Southeastern Europe“.
Со почит,
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини