Во интервју за МТВ, Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, изјави дека Македонија има стабилно и сигурно снабдување со нафтени деривати, и покрај случувањата на Блискиот Исток кои влијаат врз цените на светските пазари.
„ Најважно за граѓаните е дека има сигурност и доволно гориво. Како Влада постојано ги следиме состојбите и презедовме мерки за ублажување на ценовниот притисок Пуштањето во функција на продуктоводот на почетокот од годината се покажа како навремена и стратешки значајна одлука. Според податоците на Министерството, до 30 април преку него биле транспортирани 145 илјади кубни метри дизел, што претставува околу 30% од планираниот годишен капацитет. Со продуктоводот ги избегнавме предизвиците поврзани со транспортот преку граничните премини и истовремено придонесовме за заштита на животната средина“, истакна министерката.
Божиновска додаде дека државните резерви на нафтени деривати во моментов обезбедуваат покриеност од 60 до 62 дена, додека според европските стандарди до 2030 година земјата треба да располага со резерви за 90 дена. Таа оцени дека сегашните количини се доволни и дека засега нема потреба од нивно дополнително зголемување. Во однос на цените, министерката изјави дека не се очекуваат драстични поскапувања како во 2022 година, бидејќи меѓународните прогнози упатуваат на постепена стабилизација на пазарите.
„Грција има алтернативни рути за снабдување од Северна Африка и други региони. Доколку таму нема нарушувања во снабдувањето, нема да има проблеми ниту кај нас. Постојано сме во комуникација со грчките партнери и добиваме уверувања дека снабдувањето ќе остане стабилно“, додаде Божиновска.
Изградбата на гасните интерконектори со Грција и Србија се одвива според планираната динамика, а Македонија во следните години има потенцијал да стане важна транзитна точка за снабдување со природен гас во регионот, изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во интервју за МТВ.
„ Европа активно бара алтернативи на руските енергетски извори и токму затоа овој интерконектор добива дополнителна важност. Тој ќе овозможи пристап до нови извори на природен гас и за Централна Европа и ќе ја зголеми енергетската улога на државата во регионот. Интерконекторот е со должина од 67 километри, при што околу 90 проценти од експропријацијата на земјиштето е веќе завршена. Досега се поставени и околу 25 проценти од цевките, а 10 проценти се веќе заварени. Станува збор за современа инфраструктура која е подготвена и за транспорт на водород. Тоа значи дека уште денес се подготвуваме за енергетските потреби на иднината. Паралелно, се работи и на интерконекторот со Србија. На македонска страна веќе е распишан тендер за изградба на 22 километри гасовод, додека српската страна ќе работи на својата делница“, нагласи министерката.
Таа додаде дека интерконекторот со Грција ќе има капацитет до 2,8 милијарди кубни метри природен гас годишно, што не само што ќе ги задоволи домашните потреби, туку ќе отвори простор и за транзит кон соседните земји.
„Македонија ќе може да остварува приходи од транзит на природен гас, а истовремено ќе се позиционира како важен енергетски коридор за регионот и Централна Европа“, нагласи министерката.
Во однос на гасификацијата во земјата, Божиновска посочи дека НОМАГАС паралелно работи на изградба на внатрешната мрежа преку нови поврзувачки прстени. Процесот е започнат и ќе се реализира етапно. Потребни се уште многу чекори да се реализираат до крајот на 2027 година. Треба да се формира и оператор на гас, истакна Божиновска.
Целото интервју можете да го погледнете на следниот линк 👉 Македонската Радио Телевизија