Сајбербезбедноста е нераздвоен дел од енергетската безбедност и директно влијае врз сигурноста на снабдувањето, стабилноста на системот и националната безбедност. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во соработка со меѓународните партнери и релевантните институции, работи на воспоставување системски решенија за заштита на критичната енергетска инфраструктура и навремен одговор на сајберзаканите, истакна министерката Сања Божиновска на настанот „Сајбербезбедност во енергетскиот сектор: Од проценка до отпорност – Патоказ за Енергетскиот CSIRT“.
Божиновска посочи дека дигитализацијата носи значајни придобивки за управувањето со енергетските мрежи, користењето на ресурсите и интеграцијата на обновливите извори, но истовремено ја зголемува потребата од заштита на системите од сајбернапади кои можат да предизвикаат сериозни последици за граѓаните и стопанството.
„Зад секое домаќинство што има електрична енергија, зад секоја компанија што работи и секоја јавна услуга што непречено функционира, стои систем чија сигурност мора постојано да ја унапредуваме. Затоа сајбербезбедноста во енергетиката е прашање што непосредно ги засега граѓаните, економијата и националната безбедност“, нагласи Божиновска.
Како конкретен резултат од соработката со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), со поддршка од Владата на Република Словачка, министерката ја посочи изработката на Методологијата за воспоставување секторски Енергетски CSIRT – специјализиран тим за одговор на компјутерски безбедносни инциденти. Нејзината примена треба да обезбеди појасни процедури, утврдени канали за комуникација и побрз одговор при безбедносни закани.
На настанот беше презентирана и сеопфатната Проценка на сајбербезбедноста во енергетскиот сектор, подготвена преку консултации со институциите и енергетските субјекти. Документот ги идентификува состојбите и потребите на секторот и содржи препораки, насоки и приоритетни чекори за унапредување на заштитата.
„Колку повеќе се поврзуваат нашите системи, толку повеќе безбедноста на секој поединечен субјект влијае врз сигурноста на целиот сектор. Затоа ни се потребни доверба меѓу институциите, јасни процедури и подготвени стручни тимови“, истакна Божиновска.
Таа ја нагласи и важноста од континуирана обука, развој на знаењата и практични вежби за стручните лица кои секојдневно ги управуваат и одржуваат енергетските системи.
Божиновска изрази благодарност до Владата на Република Словачка за поддршката, УНДП за посветеноста и професионалноста, Регулаторната комисија за енергетика и сите институции, компании и експерти вклучени во реализацијата на иницијативата, со посебно признание за придонесот на ИТ-тимот на Министерството.
Министерството останува посветено на унапредување на институционалната соработка и примената на современи решенија за заштита на критичната енергетска инфраструктура, како предуслов за стабилен, безбеден и отпорен енергетски систем.
Со почит,
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини