На Electricity Market Integration Forum 2026 (EMIF), кој се одржа во Европскиот парламент во Брисел, Виолета Николова од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини учествуваше на панел дискусија посветена на интеграцијата на пазарите на електрична енергија на земјите договорни страни на Енергетската заедница во внатрешниот пазар на електрична енергија на Европската Унија.
Форумот обедини претставници на европските институции, Energy Community, регулатори, оператори на преносни системи, берзи на електрична енергија и енергетски компании, при што фокусот беше ставен на забрзувањето на процесите на market coupling, регионалната координација, имплементацијата на CBAM механизмот и подготовката на енергетските пазари од Западен Балкан за целосна интеграција во европскиот внатрешен пазар.
Во своето обраќање, Николова истакна дека Македонија останува целосно посветена на интеграцијата во европскиот внатрешен пазар на електрична енергија и дека земјата веќе има постигнато значителен напредок во процесот на либерализација и усогласување со европската регулаторна рамка.
„Оперативната подготвеност денес повеќе не е само законодавно прашање, туку пред сè предизвик на координација, синхронизација и практична имплементација“, истакна Николова.
Таа потсети дека Македонија во изминатиот период реализираше значајни реформи, меѓу кои:
- воспоставување и развој на организираниот пазар на електрична енергија MEMO како NEMO,
- развој и неодамнешно пуштање во употреба на intraday пазарот,
- реформи во balancing механизмите,
- усогласување со европските CACM/FCA принципи,
- како и законодавни реформи во областа на обновливите извори на енергија.
Николова нагласи дека практичните предизвици денес се поврзани со регионалната координација, синхронизацијата на временските рамки помеѓу операторите на системи, регулаторите и пазарните оператори, техничката и оперативната интероперабилност, како и потребата од дополнителни инвестиции во мрежната инфраструктура и дигитализацијата.
Во рамки на дискусијата за влијанието на CBAM механизмот, беше посочено дека овој инструмент веќе влијае врз инвестициските одлуки, регионалната конкурентност и стратегиите на пазарните учесници.
„Инвеститорите сè повеќе ја анализираат изложеноста на carbon costs, идната конвергенција на цените на електричната енергија, регулаторната предвидливост и пристапот до европскиот внатрешен пазар при носењето на долгорочни инвестициски одлуки“, нагласи Николова.
Таа предупреди дека доколку процесот на market coupling продолжи да се одложува, додека carbon-related обврските се имплементираат со забрзано темпо, постои ризик од дополнителна пазарна фрагментација, намалена конкурентност и забавување на инвестициската динамика во регионот.
Во однос на очекувањата од Европската Унија, Николова истакна дека регионот нема потреба од редефинирање на целите, туку од посилна поддршка во имплементацијата, јасни временски рамки и засилена институционална координација.
Притоа беше потенцирана потребата од:
- координирана техничка и оперативна поддршка,
- јасни и реални milestones кон market coupling,
- инвестиции во зајакнување на мрежата, дигитализација и флексибилни капацитети,
- како и силен политички сигнал дека интеграцијата на Западен Балкан во европскиот внатрешен пазар на електрична енергија останува стратешки приоритет на Европската Унија.
„Западен Балкан не треба трајно да остане само сосед на европскиот внатрешен пазар. Нашата заедничка цел мора да биде целосно учество во него“, порача Николова.
Со почит,
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини